На израелската амбасада во Букурешт денеска е фрлен молотов коктел, без штети и жртви, а уапсен е маж со сириско потекло, кој е осомничен за нападот, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека 34-годишен маж, додека бил на безбедносни проверки извадил молотов коктел од ранецот, го запалил и го фрлил на вратата од амбасадата, јавува Ројтерс.
АП јавува дека откако го фрлил шишето со запалив материјал, се обидел да се самозапали.
Тој бил уапсен од припадници на антитерористичката единица на романската разузнавачка служба, а потоа на местото на настанот пристигнала и полицијата.
Портпаролот на полицијата за телевизијата „Диги24“ изјави дека инцидентот е мотивиран од лични несогласувања, а не од меѓународниот контекст и актуелниот израелско-палестински конфликт на Блискиот Исток.
Полицијата соопшти дека во тек е увид за утврдување на околностите на овој инцидент.