Колку една млада личност има знаење за светот на парите? Дали младите само трошат или знаат како сами да заработат? Колку институционално треба да се промени сликата во земјава, за тинејџерите да знаат повеќе за финансиите?
Овие теми беа истражувани во рамките на третиот поткаст насловен „Гласот на МААА“ на Македонско Американска Алумни Асоцијација (МААА).
Дигитализацијата наметна нови трендови кај младата генерација, која има пристап до светските информации, но во земјава сепак има простор за поголема едукација на младите за управувањето со финансиите, посочи Билјана Трендафилова, новинарка и консултант за медиуми и односи со јавност. Заедно со неа во третата епизода на поткастот учествуваа и Драган Тевдовски, професор на Економскиот Факултет, како и поранешен министер за финансии и Јована Аврамовска Николовска, автор на медиумскиот проект „Што го врти светот”
„Ако зборувам за моите студенти, јас предавам еден предмет „Квантитативни методи во финансии”, ако ги споредувам нив со мојата генерација мислам дека нивните знаења се многу поголеми. Во реално време ги слушаат подкастите на најдобрите светските професори, имаат можност во реално време да прочитаат извештаи. Ние сме се радувале ако некој ни донел книга, или ќе отидеме негде и ќе купиме книга.Има сериозен скок кај познавањата на младите”, вели универзитетскиот професор Драган Тевдовски во поткастот „Гласот на МААА“.
Тој смета дека позитивните примери од светот треба успешно да се применат во земјава.
Вели дека во Америка во средните училишта постои практичен предмет, за правење личен буџет, што значи депозит, каматна стапка, акции, обврзници.
Јована Аврамовска, член на МААА посочи пример од американското образование, на кој студентите добивале пари со можност да поддржат и развијат некој бизнис во студентскиот кампус.
„Финансиската писменост е многу практична работа. Како се грижам за личните финансии, како инвестирам, дали штедам и колку штедам, колкава плата преговарам за мојата работа, колку часови ќе работам за таа плата, колку време ќе работам додека да побарам покачување” истакнува Јована Аврамовска Николовска, член на МААА.
Не можеме да очекуваме дека младите во земјава ќе бидат писмени, кога имаме многу лоши резултати од Писа тестирањата, велат соговорниците, посочувајќи дека промените треба да почнат од образованието.
Советот од професорот Тевдовски до студентите и младите луѓе е да имаат верба со себе, да учат и да работат повеќе од сите други и да не се плашат од грешки.
Во поткасот ,,Гласот на МААА” тие отворено зборуваат дека студиските програми во САД влијаеле на нивната професионална кариера, а знаењата кои ги стекнале и позитивните практики и денеска ги применуваат во својата работа.
Целиот поткаст е достапен :
Ова е третиот од серијалот поткасти на МААА, насловен „Гласот на МААА“ во рамките на проектот „Алумни поттикнуваат волонтерство и воннаставни активности“. За дополнителни информации, Ве молиме контактирајте со Зорица Трајкова Стрезовска, претседателка на МААА, на email [email protected] или на телефонскиот број 078/29 79 30.