Пред 15 години пишував книга за штедење на енергија и се јавив во две агенции за недвижности за да добијам информации дали потенцијалните купувачи прашуваат дали становите имаат топлинска изолација. Одговорот беше “не“, тие најмногу се интересирале за локацијата, цената, има ли лифт, “парно“ и др. Веројатно денес состојбата е поинаква, но не многу бидејќи најголемиот дел од граѓаните не се доволно информирани за значењето на енергетската ефикасност од повеќе аспекти.
Пред неколку децении енергијата беше многу ефтина, со исклучок на кратки моментални енергетски кризи. Тоа е главната причина што зградите во минатото беа градени без топлинска изолација на оградувачките површини (ѕидови, тавани и подови) така што за греење и ладење на истите се троши многу енергија, односно имаат многу ниска енергетска ефикасност. Голема потрошувачка на енергија значи соодветно големо согорување на фосилни горива при што се емитува големо количество на јаглерод-диоксид (СО2) кој е главен причинител на климатските промени. По Конвенцијата на Обединетите Нации за климатски промени донесена во 1992 година, а особено по Протоколот од Кјото (1997), почната е енергетска транзиција во цел свет, но според мене, не со соодветен интензитет.
Во јавноста постои перцепција за енергетската транзиција дека тоа е премин кон т.н. зелена енергија (од сонце и ветер). Но многу важен и голем дел од таа транзиција треба да биде и зголемувањето на енергетската ефикасност. Ова особено се однесува на зградите во кои се троши многу енергија за греење, ладење, електрично осветлување и др. Околу 40% од енергијата во Европската Унија (ЕУ) се троши во зградите. Од таа причина ЕУ уште во 2002 година донесе Директива за енергетска карактеристика на зградите. Врз база на овој документ во Република Македонија (РМ) е извршена сообразност и донесен е Правилник за енергетска карактеристика на зградите што може да се преземе преку интернет од Агенцијата за енергетика на РМ. Во него се содржани следниве работи:
– Методологија за пресметка на енергетска карактеристика на зградите,
– Минимални барања што треба да бидат исполнети,
– Максимални дозволени коефициенти на премин на топлина за сите видови прегради,
– Контрола на системите за греење (со котли) и ладење,
– Изработка на сертификат за енергетска карактеристика на зградите (над 250 м2),
Енергетската ефикасност на зградата се согледува преку сертификатот во кој се прикажува вкупна годишна потрошувачка на примарна енергија за 1 m2 корисна површина во текот на една година, [kWh/(m2 god)]. Во зависност од ова се одредува енергетска класа на зградата (А+, А, В, …, F). Сертификатот се издава за нови згради и постојни згради на кои се врши значително реновирање.
Сите нови згради мора да се градат според овој правилник. За да се добие градежна дозвола, меѓу другото, мора да се поднесе и елаборат за потрошувачката на енергија на зградата (или куќата). Во земјите на ЕУ се воведени доста строги критериуми при градба на нови згради. Се бара тие да бидат со приближно нула потрошувачка на енергија, т.е. мало количество на енергија кое се обезбедува од обновливи извори на енергија во самиот објект или во близина. Инаку, Директивата на ЕУ во минативе години се менуваше неколку пати со внесување на построги критериуми, а последната верзија е објавена пред еден месец.
Во РМ е донесен Закон за енергетска ефикасност (2020 г.), како и 4-ти Национален акциски план за енергетска ефикасност (2021 г.). Во Стратегијата за енергетски развој на РМ, како и во Националниот план за енергетска ефикасност е посветено големо внимание на значајно реновирање на постојните згради со посебен акцент на ставање на топлинска изолација и прозорци од нова генерација. Но спроведувањето на плановите е на многу ниско ниво.
Факт е дека најголемиот број на објекти изградени во минатото во РМ немаат топлинска изолација на ѕидовите или таа е недоволна и тоа кај сите згради во стамбениот, комерцијалниот и јавниот сектор. А државата треба да дава пример со реновирањето на нејзините објекти (згради). Еве да наведам неколку објекти направени на времето со натур-бетон: Народна банка на РМ, МОБ (Македонска опера и балет), Македонски пошти, Комплексот на УКИМ (ректоратот и некулкуте факултети), студентскиот дом “Гоце Делчев“ и многу други. Ако некои објекти претставуваат дел од нашето културно-историско наследство, тие би требало да се остават во оригиналната состојба. Не сум информиран дали е направен попис на сите згради во РМ со соодветни податоци за истите. Ако не е спроведен, треба итно тоа да се направи.
Најголемиот број на згради (и куќи) за домување треба значително да се реновираат, а за тоа се потребни и финансиски средства кои поголемиот дел од населението ги нема. Државата треба да дава субвенции ва таквите случаи, а треба да се искористат и средства од странски финансиски институции кои даваат голема подршка на проекти за зголемување на енергетската ефикасност.
Во овој напис не се спомнати системите (опремата) за греење и ладење. Енергетската ефикасност на овие системи е исто така многу значајна тема, но за тоа во некоја друга пригода.
Новата Влада на РМ треба уште од првиот ден да посвети големо внимание на енергетската ефикасност како дел од енергетската транзиција, а пред се’ на реализација на веќе поставените планови кои не се спроведени и на национално и на локално ниво, како и на натамошен развој на проектите од оваа област.
Со зголемување на енергетската ефикасност се намалува потрошувачката на електрична енергија. Тоа е бенефит и за корисникот, но и за државата бидејќи потребата од производство и увоз на електрична енергија ќе биде намалена. А соодветно се намалуваат и емисиите на стакленички гасови.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје
(Авторот на овој текст ја има напишано книгата со наслов “Енергија – Како да се заштеди“.)
03.06.2024