Обвинителството изнесе детали за убиството што утрово се случи во угостителски објект во Боговиње.
Од тука велат дека бил извршен увид, а убиецот е идентификуван и приведен. Кај него е пронајдено и оружјето со коешто го извршил делото.
Според првичните информации, настанот се случил во угостителски објект во кој во тој момент имало и други лица.
„Осомничениот и жртвата имале вербална расправија, по што сторителот извадил огнено оружје и започнал да пука“, велат од Обвинителството.
Издадена е наредба за обдукција на починатиот, како и наредба за прибирање и вештачење на траги од лице место.
Ќе се вршат разговори со сведоци на настанот и со други лица.
Претходно, од МВР информираа дека за убиството е осомничен педесетгодишен маж со иницијали М.М., додека жртвата е А.Ј. од Боговиње. Убиството се случило утрово околу 10 часот и 15 минути, а 15 минути подоцна мажот бил фатен во своето „бмв“ во Тетово и приведен од страна на полицијата.
При прегледот на возилото била пронајдена и одземена автоматската пушка со којашто го извршил убиството.