Арбитражите остануваат значаен ризик за економијата на Македонија

biznis-forum-dogovor
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Најголемите водечки економски и финансиски институции се согласни во намалените проекции за раст на македонската економија. Светската банка неодамна сподели дека земјава годинава ќе испорача најнизок економски раст од 2.5 отсто, за разлика од земјите од регионот. Меѓународниот монетарен фонд исто така забележа дека Македонија споредено со регионот бележи најнизок раст, со висок буџетски дефицит и значителен јавен долг. Според ММФ, македонската економија годинава ќе порасне за 2,7%, а Фондот пргонозира дека фискалната консолидација ќе биде предизвик за новата влада. Последно, Народната банка ги намали проекциите за раст на економијата. Според НБРМ, се очекува стапките на раст на БДП да изнесуваат 2,6% во 2024 година и 3,6% во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3% и 4% во 2024 и 2025 година. Дури за 2026 година оттаму очекуваат умерено забрзување на растот, во услови на поповолно надворешно окружување, постабилен амбиент и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции.

Токму забрзаниот економски раст е еден од главните три столба врз основа на кои се водат преговорите за состав на новата Влада. Сепак, дел од експертите сметаат дека идните економските власти во своите планови ќе мора да ги предвидат и неразумните одлуки од минатото. Економскиот новинар и аналитичар, Александар Чомовски предвидува дека голем ризик би претставувале одлуките на арбитражните судови, каде се водат спорови против Македонија.


„На грбот на оваа Влада ќе паднат прилично тешки одлуки на арбитражните судови, каде што ние ќе мора да платиме обесштетувања. За рудниците преку една милијарда, вклучувајќи ја и Окта и така натаму…“, изјави Чомовски во телвизиско гостување.

Нереализирани останаа голем број најави за рудници, како оној за бакар на Кожув на канадската фирма „Резервоар минералс“, а потоа рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, кој неофицијално веќе има пресуда во своја корист. Сега битката ја бие компанијата „Еуромакс ресоурцес“ за рудник за бакар во Иловица, која најпрвин доби зелено светло за успешно продолжување на реализација на инвестицијата, но потоа Владата, веројатно под притисок на дел од јавноста, ја повлече одлуката. Од компанијата „Еуромакс ресоурцес“, инвеститорот во Иловица, веќе јавно истакнаа дека арбитражата е се поизвесна опција.

Бевме неверојатно трпеливи. Како што реков, не знаеме со каква влада ќе имаме работа, но важно е дека ова е проект што носи трансформациски придобивки и за локалната заедница и за целата земја, и тоа на многу нивоа. Можноста секој да има корист, не само ние, како сопственици и акционери, туку и локалната заедница, граѓаните, се одложува веќе со години наназад. Има патишта на разрешување – дали преку судовите или преку владата. И убеден сум дека законските основи зад сите наши постапки се апсолутно конкретни. Сепак, прашањето е колку долго да чекаме, нагласи неодамна извршниот директор на „Еуромакс Ресоурцес“, Тимоти Морган Вин вои телевизиско гостување.

Дел од аналитичарите сметаат дека властите при носењето на одлуки овозможиле да се запираат инвестициите во рударството под притисок на лажни еко-активисти, кои имаат други агенди, а не заштита на животната средина.

За поздравување е идејата на граѓанската иницијатива „И здравје и работа“ дека ако Македонија заврши на меѓународна арбитража со астрономски отштети за концесијата за Иловица, тогаш лажните еко активисти треба да добијат кривични пријави за носење на татковината во економски подредена положба со тешки последици по даночните обврзници. Жителите на струмичката котлина ќе треба да поднесат и граѓански тужби за отштета за ставање во заблуда со ширење тешки небулози за закани по здравјето и животната средина, напиша аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов во една од своите последни колумни.

Ревизорите веќе порачаа да се обрне внимание поради импликациите врз буџетот од страна на судските пресуди во меѓународна арбитража. Над 1,3 милијарди евра изнесува потенцијалната отштета што државата ќе ја плати доколку загуби во споровите во меѓународна арбитража. Во последниот извештај, Државниот завод за ревизија констатира дека актуелните судски спорови во коишто е тужена државата би имале финансиски импликации врз буџетот во наредните неколку години. Оттаму порачаа да се утврдат причините поради кои против Македонија се покренуваат арбитражни постапки и да се побара одговорност.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK