Источната команда на Народноослободителната војска на Кина соопшти дека започнала заеднички воени вежби во кои учествуваат армијата, морнарицата, воздушните сили и ракетните сили.
Кина започна нови дводневни воени вежби околу Тајван, со цел, како што рекоа, „да ги казнат за сепаратистичките потези“. Сето ова го започнаа неколку дена по заклетвата на претседателот. Вежбите, кои започнаа рано во четвртокот и ќе го опкружат Тајван, се првиот вистински тест за Лаи Чинг во справувањето со екстремно лошите односи со Кина, откако тој ја презеде функцијата нов претседател во понеделникот. Кинеската влада тврди дека Тајван е дел од нејзината територија и покрај тоа што никогаш не го контролирала, пренесува Си-Ен-Ен.
Полковникот Ли Кси, портпарол на командата, ги нарече вежбите „силна казна за сепаратистичките акти на силите за независност на Тајван и сериозно предупредување против мешањето и провокациите на странските сили“.
Лаи, кој го започна својот трет последователен мандат, Пекинг го окарактеризира како „опасен сепаратист“ поради застапувањето на суверенитетот и посебниот идентитет на Тајван. Пекинг го осуди инаугуративниот говор на Лаи, за време на кој, тој ја повика Кина да престане да го заплашува Тајван.
Во соопштението во четвртокот, тајванското Министерство за одбрана рече дека испратило поморски, воздушни и копнени сили за да одговорат на кинеските вежби. Тие изразија жалење за „ваквите ирационални провокации и акции кои го поткопуваат регионалниот мир и стабилност“, пренесува „24 часа“.