Британската влада проценува дека по бројните одложувања ќе мора да потроши најмалку шест милијарди долари за спроведување на граничните процедури по брегзит, објави денеска парламентарната комисија за финансии. Британците гласаа за напуштање на ЕУ во 2016 година, но дури оваа година беа донесени нови правила за гранични контроли за да функционираат синџирите на снабдување.
Првата фаза, која опфаќа воведување дополнителни сертификати, стапи на сила на 31 јануари. Втората започна на 30 април со воведување на физички контроли во пристаништата.
Третата, која вклучува безбедносни декларации, е закажана за 31 август. Комитетот наведува дека Владата проценила дека ќе и бидат потребни шест милијарди долари за 13 главни мерки кои треба да овозможат проток на стоки преку граница и да се подобри спроведувањето на овие мерки во иднина.
Владата пет пати го одложи спроведувањето на целосните гранични контроли од крајот на преодниот период за напуштање на Унијата на 31 декември 2020 година, соопшти комисијата.