Бабата на двегодишното девојче Софија, кое во понеделникот беше пронајдено починало во нејзиниот стан, за германските медиуми раскажа како се случила трагедијата.
Кристин (63) живее во станот над оној во кој живеела Софија со родителите и братот и сестрата.
„Тој ден изгледаше нормално. Ја хранеше својата кукла, си играше со неа, а потоа наеднаш стана многу бледа. Престана да се движи”, ја започнува својата исповед бабата Кристин.
Таа веднаш повикала брза помош, но кога лекарите пристигнале во станот не успеале да ја спасат Софија.
Иако резултатите од обдукцијата не се целосни, се верува дека девојчето починало од изгорениците кои ги добила.
„Сакав да ја истуширам. Додека ја бањав, таа рече дека водата е многу ладна. Кога ја зголемив топлината, врела вода се истури по нејзиниот грб. Јас сум виновен”, рекол нејзиниот татко Андре.
Нејзината мајка вели дека девојчето не плачело по туширањето.
„Како може дете да издржи толку болка, не ни врескаше. Тие изгореници не изгледаа страшно, повеќе личеа на изгореници од сонце”, вели нејзината мајка Надин.
Родителите одбиле да повикаат брза помош бидејќи се плашеле дека социјалните служби ќе им ги однесат децата.
Сличен инцидент се случил и минатата година кога таткото ја спуштил малата Софи во када. Девојчето во таа прилика скршило ребро и бутна коска.
„Поради тоа и поради моите проблеми со дрогата, шест недели ни ги одзедоа децата. Сакавме да го спречиме тоа овој пат“, вели расплаканиот татко.
Полицијата интензивно го истражува овој случај, а грижата за нивните деца ја презеде Центарот за социјална работа.
Телото на девојчето е испратено на обдукција.