Хаос во Грузија: Физичка пресметка во парламентот пред гласањето на законот „за странски агенти“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Физичка пресметка се случи денеска во грузискиот парламент за време на пленарната седница пред почетокот на гласањето на законот „за странски агенти“, кога членовите на парламентарното мнозинство физички го нападнаа пратеникот од опозицијата Леван Кабеишвили, откако тој изјави дека власта „ја продава Грузија на Русија.



Седницата продолжи и по конфликтот, пренесува Интерфакс. Правната комисија на Собранието вчера го усвои предлог-законот без учество на опозицијата, додека во близина на зградата беа уапсени 20 демонстранти кои протестираа против законот.

Парламентот на Грузија на 1 мај во второ читање го усвои предлог-законот „За транспарентност на странско влијание“, со кој се предвидува организациите кои добиваат повеќе од 20 проценти од средствата од странство да бидат регистрирани како „застапници за странски интереси“.

Од ваквиот закон минатата година се откажаа поради масовни протести, но во април годинава владејачката партија „Грузиски сон“ предложи речиси идентичен закон, со промената наместо да се користи терминот „застапник за странски интереси“ да се употребува терминот „организација која работи за странски интереси“.

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Тирк, претходно ја повика Грузија да го повлече овој нацрт-закон од процедурата, додека претставниците на Европската унија предупредија дека неговото усвојување ќе биде сериозна пречка Грузија да стане членка на ЕУ. Грузиското Министерство за надворешни работи на 2 мај потврди дека премиерот Иракли Кобахидзе одбил да ги посети САД, откако американската страна поставила услов да ги прекине дискусиите за нацрт-законот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK