Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговите колеги од нордиските земји повикаа денеска на состанок во Шведска за итно зголемување на помошта за Украина, која се соочува со нови руски напади во близина на Харков.
„Ќе ја поддржуваме Украина се додека е потребно“, рече канцеларот на прес-конференција во Стокхолм.
Германија, која во април објави дека испраќа дополнителен систем за воздушна одбрана „Патриот“ во Украина, ги повика своите европски сојузници да го следат примерот.
„Берлин се надева дека ќе следат и други европски земји, бидејќи на крајот ни треба многу муниција и артилериски тенкови и системи за противвоздушна одбрана“, нагласи Шолц.
„Мораме да направиме повеќе. Многу е важно дискусијата да не запре тука, туку да се носат реални одлуки низ цела Европа“, додаде тој.
Триесетина села во североисточна Украина денеска беа под оган од руската армија во областа Харков, каде за неколку дена окупираа десетици квадратни километри.
Украина упорно бара од западните сојузници да испратат системи за противвоздушна одбрана, особено Патриоти, кои се особено ефикасни во пресретнувањето на балистички ракети. Ги имаат неколку европски земји.
„Главната причина за загубите на Украина денес е недостатокот на противвоздушна одбрана, а ние имаме системи. Ако треба да формулираме само една желба, тоа би била испорака на системи за противвоздушна одбрана што е можно побрзо“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен.
„Сите ние мора да ја почувствуваме итноста на ситуацијата“, додаде таа.
Нордиските земји и Германија се меѓу главните поддржувачи на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, а Берлин е вториот најголем донатор, според институтот Кил. Олаф Шолц се сретна со колеги од Данска, Норвешка, Финска и Шведска.
„Тие разговараа за прашањата на безбедносната политика како што се хибридните закани, цивилната подготвеност и новите технологии“, објави шведската влада.