Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, заедно со првата дама на Украина, Олена Зеленска, во знак на затоплување на односите меѓу двете земји, беше во ненадејна посета на Србија, пишуваат медиумите во регионот.
Во својата прва посета на Србија од почетокот на руската агресија врз Украина во 2022 година, Кулеба се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот премиер Милош Вучевиќ.
Во соопштението за печатот на кабинетот на премиерот по разговорите се наведува дека „Србија е посветена на почитување на меѓународното право и територијалниот интегритет на секоја земја-членка на Обединетите нации, вклучително и Украина“.
Србија прогласи неутралност во однос на војната во Украина, а нејзините власти повторуваат дека Србија никому не доставува оружје.
Посетата на Кулеба и Зеленска, кои заедно со првата дама на Србија, Тамара Вучиќ го обиколија главниот град на Србија, наиде на критики во Москва. Рускиот медиум РИА Новости објави негативни коментари од читателите кои посетата ја оценуваат како, „срамни“.