Шефот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми рече дека претседателката, Гордана Силјановска Давкова, го прекршила Уставот при положувањето на нејзината заклетва. И’ замери на Силјановска-Давковска што повикала на единство, а спомнала само двајца лидери на партии, додека тоа што во нејзиното обраќање се осврна на жените во политиката, за Адеми личело како говор за Осми март.
„Силјановска го згази Уставот уште на прва реченица неспоменувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа“, изјави Адеми, кој очекувал новата претседателка да се осврне во обраќањето на евроинтеграцискиот процес на земјата и нејзините предизвици, членството во НАТО, меѓуетничките односи, договорите со Грција и Бугарија.
Оцени дека создала криза меѓу Македонија и Грција уште во првото обраќање, а рече и дека кога веќе споменувала жени кои и честитале, ја изоставила честитката од претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Реагираа и од колицијата на албаснкиот политички блок во земјата „Вреди“ (Влен). Од тука пак, изразија загриженост, коментирајќи дека емоциите од кампањата влијаат на рационалноста. Велат дека имаат разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата.
Од неа, како што додава „Влен“, се очекува да биде пример за почитување на Уставот, особено со оглед на тоа што станува збор за професорка по Уставно право.
„Не ни треба отворање на старите рани. Добро е што Силјановска ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа“, велат од „Влен“.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија.