Стефанос Каселакис – претседателот на грчката опозициска партија СИРИЗА, кој дојде на местото на Алексис Ципрас реагираше откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова ја нарече земјата Македонија, за време на свечената заклетва.
Каселакис по тој повод повика на почитување на договорот.
„Ние, како партија која скапо го плати својот патриотизам, го повикуваме новото раководство на Северна Македонија да се вразуми и да размисли за своите одговорности кон историјата и иднината на нејзиниот народ“, порача Каселакис, пренесе „Прототема“.
Истовремено тој го искритикува грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, зошто сега вели дека Договорот од Преспа треба да се почитува, а претходно тврдеше дека е предавнички.
„Зошто грчката амбасадорка ја напушти салата на заклетвата на новата претседателка на Северна Македонија, која ја нарече својата земја со уставното име што го имаше пред Договорот од Преспа? Зошто Кирјакос Мицотакис моли за почитување на Договорот од Преспа? На крајот на краиштата, нели беше предавнички? Премиерот вели дека не му се допаднал Договорот, но државата има континуитет и затоа мора да се почитува“ Не, господине Мицотакис. Никогаш не молите ништо што е негативно за вашата земја да се почитува. Или го сметате за корисен договор за Грција и се држите до него, или го сметате за лош договор и одите кај вашите истомисленици и го поништувате“, рече тој.
Како што додаде, историската вистина понекогаш бавно се појавува, но секогаш ги оправдува храбрите и вистински патриоти.
СИРИЗА беше партијата која заедно со Владата предводена од СДСМ го потпиша Преспанскиот договор. Потоа СИРИЗА ги загуби изборите во Грција, по кампањата на Мицотакис дека договорот со новото име е штетен за Грција.