Новововедениот билет за туристите на еднодневно патување во Венеција на градот му донесе приход од 975 илјади евра во првите 11 дена од пробниот период.
Билетот, кој првпат беше воведен на 25 април, се наплаќа по стандардна цена од пет евра.
Градот објави дека продал вкупно повеќе од 195.000 билети, што е малку над очекувањата, пренесува Независне новине.
Влезот ќе се наплаќа во повеќето саботи и недели до средината на јули, кога градот ќе ја разгледа цената.
Како општо правило, целодневните посетители помеѓу 8:30 и 16:00 часот се обврзани да платат влезница и да добијат QR код, кој служи како доказ за плаќање. Ако не го сторат, може да платат казна од 300 евра.
Домашните жители, гостите кои преноќуваат, студентите и децата под 14 години се ослободени од плаќање.
Со околу 15 милиони посетители годишно, Венеција е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот.
Масовниот туризам му носи многу приходи на градот, но и гужвите создаваат големи проблеми. Не е познато дали Венеција ќе ја задржи таксата по пробниот период.