Германското Министерство за надворешни работи ги покани претставниците на руската амбасада на состанок во врска со наводниот руски сајбер напад врз Социјалдемократската партија на Германија (СПД) минатата година.
„Руски државни хакери ја нападнаа Германија во сајбер просторот“, соопшти министерката за надворешни работи Аналена Бербок при посетата на Австралија.
СПД во јуни 2023 година објави дека е-поштата на извршниот директор на СПД претходно биле цел на сајбер напад во јануари, пренесува „Велт“. Портпаролката на СПД истакна дека постои можност да имало одлив на податоци за време на рускиот напад.
„Денес јасно можеме да го припишеме овој минатогодишен напад на групата „АПТ28“, која е контролирана од руската тајна служба „ГРУ“. Ова е целосно неприфатливо и нема да помине без последици“, изјави Бербок.
Според податоците на германската канцеларија за заштита на уставот, групата „APT28“ е активна ширум светот, пред се во областа на сајбер шпионажата, најмалку од 2004 година. Во минатото, според Канцеларијата, оваа група водела дезинформации и пропагандни кампањи во сајбер просторот и е „меѓу најактивните и најопасните сајбер актери во светот“.
Германската федерална канцеларија за заштита на уставот исто така смета дека „АПТ28“ е дел од руската воена разузнавачка служба „ГРУ“, пишува „Велт“. Се вели дека групата е обвинета за голем сајбер напад врз Бундестагот во 2015 година, а подоцна и во САД за напад врз Демократската партија пред претседателските избори во 2017 година.
Според информациите на германската новинска агенција, истрагата на федералната влада ги вклучила сите германски тајни служби, вклучително и Канцеларијата за заштита на Уставот, Федералната разузнавачка служба и Воената контраразузнавачка служба. „Велт“ наведува дека нападот врз СПД бил дел од кампањата „АПТ28“ во неколку европски земји, која е насочена против владините служби и компаниите кои се занимаваат со снабдување со енергија, ИТ, вооружување или авијација.