(Видео) Голем проевропски протест во Грузија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Илјадници луѓе излегоа синоќа во Тбилиси на протест против законот за транспарентност на странското влијание, кој ја загрозува прозападната политика на Грузија и аспирациите кон европска интеграција. Изби помал конфликт со полицијата, јавуваат Ехо Кавказа и Грузија онлајн.


На Маршот за Европа во организација на невладиниот сектор и младинското движење учествуваа претставници на опозицијата, граѓански активисти и граѓани. Колоната се протегала по главната улица, авенијата Руставели.

Организаторите на протестот ги повикаа властите да го откажат второто читање на предлог-законот за транспарентност на странско влијание, што беше закажано за денеска. Законот е направен според рускиот закон за странски агенти.

По говорот на организаторот и лидерот на демонстрантите, тие се упатија кон парламентот и ја опколија зградата.

Грузија онлајн објави дека ситуацијата надвор од парламентот станала покомплицирана. Демонстрантите се обидуваа да стигнат до бината поставена за денешниот митинг на владејачката партија Грузиски сон. Бината ја обезбедувала полиција, што довело до помал конфликт. Демонстрантите отстранија дел од бариерата поставена пред зградата.

Министерството за внатрешни работи преку соопштение повика на почитување на слободата на собирање и ги повика демонстрантите да не ја уништуваат бината поставена пред Собранието. „Полицијата веднаш ќе го сузбие секое прекршување на законот“, се вели во соопштението.

Протестите пред парламентот во грузиската престолнина се одржуваат секојдневно од 15 април, но по првите неколку дена тоа беа главно помали настани предводени од студентите.

За денеска е закажано второто читање на предлог-законот за транспарентност на странско влијание. Владејачката партија Грузиски сон ги повика своите приврзаници на денешниот собир за поддршка на новиот закон.

Европскиот парламент усвои резолуција со која се бара ЕУ да не започнува преговори за членство со Грузија додека е на сила контроверзниот закон за транспарентност на странското влијание. Грузиските власти изразија револт поради оваа одлука.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK