Продоложува молкот на властите по минатонеделната најава за меѓународна арбитража на инвеститорот во рудникот за бакар во Иловица „Еуромакс ресоурцес“, но кај дел од експертската јавност веќе се поставуваат прашањата за висината на евентуалната отштета што ќе се одлее од државниот буџет. Компанијата и даде рок на Владата да постапи по нивното барање за спојување на двете концесии до Нова година, а ако тоа не се случи државата и инвеститорот ќе се соочат пред меѓународен суд. Неофицијално, сумата што би требало да ја исплатат граѓаните, доколку Македонија го загуби спорот, надминува една милијарда евра.
Оваа најава за арбитража следува откако Владата минатата година одлучи позитивно по барањето за спојување на концесиите, поткрепено со соодветно мислење од Министерството за економија, но по само неколку недели ја поништи веќе донесената позитивна одлука. Инвестицијата сега е повторно во статус-кво, иако и судските пресуди наложуваа Владата да се произнесе по барањето на инвеститорот.
Минатото лето, министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека последната владина одлука само ја изложува Македонија на потенцијална арбитражна постапка, која може македонските граѓани во иднина да ги чини милионски суми како отштета. Според него, поништувањето на одлуката на Владата дополнително може да оди во полза на меѓународната арбитража на инвеститорот.
„После 5-6, 10 години, моите и вашите деца и на сите граѓани од денешните одлуки можат да патат во иднина и да плаќаат милионски суми за административни – технички пропусти“, изјави тогаш Бектеши.
Неодамна, адвокатот Габриел Лански, од адвокатската куќа Lansky, Ganzger, Goeth & Partner која е правен застапник на Еуромакс ресоурсес, истакна дека тие имаат целосно јасен предмет, којшто трае веќе десет години. Според него, земјава има, како што рече, смешен правен систем, па треба да се одлучи или да функционира независниот судски систем или политичките тела кои имаат свои влијанија.
– Се сеќавам на денот кога одеднаш бевме сите многу среќни, на 27 јуни минатата година, кога имаше една одлука со која бевме многу задоволни. Јас бев задоволен што ќе го завршам предметот на којшто работев и нема да мора да ескалира, меѓутоа не многу подоцна дознаваме за повлекување на оваа одлука. Тоа не сум го видел во мојата 40-годишна кариера како адвокат, вели Лански.
Тој, на прес-конференцијата во Скопје, истакна дека постојат одлуки на Вишиот управен суд во корист на компанијата, но Владата двапати ја игнорирала таа одлука, во 2020-тата година и денес.
-Имате и ситуација до којашто дојде поради други системски елементи. Тоа е еден круг на одлучување, којшто почнува со министри од Владата, па комисија, па Управен суд, па Виш управен суд и постојано се вртиме во круг на контрадикторни одлуки, со години. Постојано се движиме во еден круг, потенцира адвокатот.
Поради овие причини, „Еуромакс ресоурцес“ дал насоки да се подготви меѓународна арбитража, која, според Лански, би тежела значајна сума и за државата би била штетна.
– Се работи за обесштетување како последица на фактичка експропријација – тоа е законската формулација. Се работи за сериозни анализи на вредноста на штетата што е претрпена на сметка на „Еуромакс“. Тоа ги вклучува и трошоците за сите постапки до денес, како и штети коишто се настанати поради прекршувањето на правото, како и отштета за изгубена добивка. Тоа е еден сериозен процес во којшто ќе работиме заедно со нашите клиенти и проценители, коишто се лица специјализирани на полето на вакви многу прецизни пресметки. Износот којшто го споменав е долната граница за она за што се зборува и кога ќе поднесеме барање, арбитражниот суд за инвестиции, согласно нивните правила коишто јасно се дефинирани во процесот на меѓународната арбитража, тие ќе одлучат за износот, одговори Лански на новинарско прашање.
Тој додаде дека има долгогодишно искуство со вакви меѓународни предмети и не би се појавил на прес-конференција само за да кажа „лесно е ова за нас, ние ќе го добиеме предметот и готово“.
-Темелно истражувајќи го и анализирајќи го предметот, сметам дека е многу чист предмет и не можам да разберам зошто земјата не принудува да одиме по овој пат. Верувајте ми, Северна Македонија ќе го изгуби овој предмет, овој спор и луѓето од оваа земја ќе мора да исплатат значителен износ на средства, заклучи Лански.