По вчерашниот прв круг од седмите претседателски избори, Киро Глигоров остана единствениот претседател избран во прв круг, од осамостојувањето до денес. На првите претседателски избори во 1994 година Глигоров, како кандидат на СДСМ освои 715.087 гласови или 78,4 отсто од гласовите. Негов противкандидат тогаш беше Љубиша Георгиевски од ВМРО – ДПМНЕ, кој освои 197.109 гласа или 21,6 отсто од гласовите.
На изборите во 1994 година Глигоров го доби вториот претседателски мандат. Првиот го доби од Собранието на 27 јануари 1991 година, само два дена откога беше изгласана Декларацијата за сувереност на државата. На овие избори имаше само двајца кандидати за претседател.
Во 1999 година на вторите претседателски избори за претседател беше избран Борис Трајковски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг. Трајковски во првиот круг имаше помалку гласови од неговиот противкандидат Тито Петковски. Трајковски доби 219.098 гласа или 21,1 отсто од гласовите, а Петковски 343.606 односно 33,1 отсто, но во вториот круг ги заменија местата и Трајковски победи со 582.808 гласа што сочинуваа 53,2 отсто од гласовите. Петковски во вториот круг освои 513. 614 гасови или 46,8 отсто.
Покрај Трајковски и Петковски, кандидати за претседател беа и Васил Тупурковски од Демократска алтернатива, Муарем Неџипи од Демократската партија на Албанците, Стојан Андов од Либералната партија и Мухамед Халили од Партијата за демократски просперитет.
На третите претседателски избори во 2004 година за претседател во вториот круг беше избран Бранко Црвенковски од СДСМ. Во првиот круг тој освои 385.347 гласа, односно 42,5 отсто од гласовите, а во вториот круг доби 550.317 гласови или 62,6 отсто од гласовите. Негов противкандидат во вториот круг беше Сашко Кедев од ВМРО – ДПМНЕ кој во првиот круг доби со 309.132 гласа освои 34,1 од гласовите, а во вториот круг за него гласаа 329.179 граѓани односно 37,4 отсто.
На овие избори имаше уште двајца кандидати, Гзим Острени од Демократската унија за интеграција, формирана две години претходно и Зуди Џелили од Демократската партија на Албанците.
Претседателските избори во 2009 година, четврти по ред, имаа седуммина кандидати, исто како и сегашните. За претседател во вториот круг беше избран Ѓорѓе Иванов со освоени 453.616 гласови или 63,14 отсто од гласовите. Во првиот круг Иванов освои 345.850 гласа. Неговиот противкандидат, Љубомир Фрчковски, во првиот круг освои 202.691(20,54%), а во вториот круг 264.828 гласови или 36,86 отсто. Во првиот круг порази беа Имер Селмани од Нова демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од Демократската унија за интеграција, Нано Ружин од Либерално демократската партија и Мируше Хоџа од Демократската партија на Албанците.
Во 2014 година, на петите претседателски избори, кога првпат за претседател се кандидираше Стево Пендаровски, Ѓорѓе Иванов го доби вториот мандат, повторно во втор круг. Во првиот круг тој освои 448.303 гласа (51,65%), а во вториот беше избран со 534.910 гласови (55,28%). Пендаровски во првиот круг освои 326.069 гласови (37,57%), а во вториот 398.076 (41,14%). На овие избори имаше четворица кандидати. Покрај Иванов и Пендаровски, кандидати беа Зоран Поповски од ГРОМ и Халими Илјаз од Демократска партија на Албанците.
Гордана Сиљановска – Давкова првпат се појави како претседателски кандидат на изборите во 2019 година. И тогаш, како и сега, нејзин противкандидат беше Стево Пендаровски. Тој победи во вториот круг со освоени 435.656 гласови (51,65%). Во првиот круг Пендаровски имаше 322.581 глас (42,81%).
Сиљановска – Давкова во првиот круг на претходните избори освои 318.341 глас (42,25%), а во вториот имаше 377.446 гласови (44.75%). Заедно со нив кандидат за претседател беше Блерим Река од Алијанса за Албанците и Движење Беса, но не влезе в вториот круг.
По првичните, и се уште неофицијални, резултати од вчерашните избори, Сиљановска – Давкова и Пендаровски вторпат ќе се борат за функцијата претседател на државата во вториот круг. Сиљановска – Давкова вчера освои 362.847 гласа или 40,08 отсто од гласовите, а Пендаровски е зад неа со освоени 180.386 гласа, односно 19.93 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање.
По првиот круг отпаднаа Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од Демократската унија за интеграција, Билјана Ванковска-Цветковска, поддржана од Левица, Арбен Таравари кандидат на коалицијата ВЛЕН и Максим Димитриевски од ЗНАМ.
Вториот круг од седмите претседателски избори ќе се одржи на 8 мај мај, заедно со парламентарните избори.