Градоначалничката на Париз, Ан Идалго изјави дека ќе плива во Сена со францускиот претседател Емануел Макрон за да докаже дека квалитетот на водата на реката ќе биде на нивото потребно за претстојните Олимписки игри.
Идалго потврди дека ги поканила организаторите на Олимпијадата и високите француски функционери да пливаат во Сена на настан кон крајот на јуни или почетокот на јули оваа година, вклучувајќи го и Макрон, кој претходно ветил дека ќе плива во реката, пренесува АП.
„Ќе нуркаме во Сена и многу волонтери се појавија да нуркаат со мене и многу спортисти ќе бидат таму. Ќе биде безбедно да се плива во Сена“, изјави Идалго.
Претходно, француската невладина организација „Suffrider Foundation“ предупреди дека квалитетот на водата во Сена не е доволно добар за пливање за време на Олимпијадата, врз основа на шестмесечни мерења на квалитетот.
За чистење на оваа река ќе бидат инвестирани 1,4 милијарди евра, а од 1 јуни ќе почнат новите рутински мерења.
Организаторите на ОИ претходно најавија дека е можно да се одложат одредени настани во случај на голема загаденост на Сена, а во најлош случај ќе биде откажан пливачкиот дел од планираните триатлони.
Исто така, беше најавено дека пливањето во делови на Сена ќе биде дозволено за јавноста, за прв пат од 1923 година.