Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелското раководство се единствени одговорни за неодамнешната ескалација на тензиите на Блискиот Исток, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Израел се обидува да предизвика регионален конфликт, а неговиот напад врз иранската амбасада во Дамаск беше последната капка“, рече тој на прес-конференција во Анкара по состанокот на владата.
Тој додаде дека се можни нови регионални конфликти се додека продолжува „суровоста и геноцидот“ во Газа и ги повика сите страни да дејствуваат разумно.
Тој, исто така, го критикуваше Западот што го осуди иранскиот напад, но не и израелскиот напад врз иранската амбасада.
Иран го нападна Израел со стотици експлозивни дронови, крстаречки и балистички ракети лансирани во саботата вечерта, на што израелските власти ветија дека ќе одговорат. Иран го изврши нападот како одмазда за израелскиот напад во кој на 1 април беше срушена зградата на амбасадата во Дамаск, при што беа убиени двајца ирански генерали и неколку други офицери.