Денеска се освети храмот Св. 40 Маченици изграден на Смилковското езеро во слава и сеќавање на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и Борче Стефковски кои беа свирепо убиени на 12.04.2012 година на ова место.
Иницијатор за изградбата на овој храм е здружението на граѓани Св. 40 Маченици, а со посебна поддршка и помош од градоначалниците на општините Гази Баба и Бутел Бобан Стефковски и Дарко Костовски.
Чинот на осветувањето го изврши поглаварот на Македонската православна црква Охридска Архепископија Господин Господин Стефан кој пред присутните верници истакна: На ова место се случи исклучителна трагедија извршена од луѓе – нелуѓе, извршена од ѕверови во човечки кожа. Исто како 40те Маченици, животите на тие пет луѓе, христијани и македонци, чеда на мајката црква беа одземени поради само една причина, поради нивната христијанска вера и нивната македонска крв. Преку овие пет христијански души се покажува дека сведоштвото на мачениците претставува семе за црквата. И ете се изгради овој мал, но убав дом божји и денес ја имаме радоста да го осветиме. – истакна Г.Г. Стефан.
Тој упати благодарност до сите кои помогнаа за изградба на овој храм, а посебно до градоначалниците на Гази Баба и Бутел, Бобан Стефковски и Дарко Костовски за кој кажа дека ќе бидат одликувани од страна на Скопската епархија.
На осветувањето на храмот, присуствуваа и Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пратениците Владо Мисајловски, Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и голем број на граѓани.