Тренерот на Барселона Чави Ернандез презадоволен го напушти Париз. Барселона го победи ПСЖ со 3:2 во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите.
На „Паркот на принцовите“, ПСЖ и Барселона одиграа извонреден натпревар, со два пресврти, кој заврши со можеби и изненадувачка победа на Каталонците.
„Исклучително сум горд на мојот тим. Ако човек сега не се чувствува горд, тогаш – кога? Мислам дека ПСЖ веројатно сè уште останува фаворит да оди понатаму. Тие се фантастичен тим, денеска успеавме да ги лимитираме, особено во првото полувреме одигравме убав пресинг, длабок“, изјави Чави и додаде:
„Тактички одигравме одличен натпревар, добро го браневме Мбапе и создадовме многу шанси на другата страна. Рафиња и Роберт (Левандовски) ја направија разликата во наша корист, а Педри ни помогна многу. Завршивме само половина од работа, ПСЖ е еден од најдобрите тимови во светот во моментов“.
За Барса играа двајцата најмлади стартери во историјата на четвртфиналето на Лигата на шампионите: Ламине Јамал (16 години и 272 дена) и Пау Кубарси (17 години и 79 дена).
„Мораме да бидеме горди на Ламине и Пау, како и на Фермин (Лопез) – сите тие се играчи од нашата школа Ла Масија, екстра посветени на тимот. Пау е неверојатен играч, не е нормално 17-годишник да игра така во Лигата на шампионите, светска класа. Ова е новата Барса, но ние сме на добар пат. Сега треба да се опоравиме и да се подготвиме за реваншот“.
Реваншите се закажани за следната недела: во вторник Барселона ќе игра со Пари Сен Жермен, а Борусија и Атлетико Мадрид во Дортмунд. Во среда Реал Мадрид ќе гостува во Манчестер, додека Арсенал ќе игра против Баерн во Минхен.