Тројца сина и двајца внуци на лидерот на Хамас Исмаил Ханије се убиени во израелски воздушен напад врз Појасот Газа, соопштија милитантната група и неговото семејство. Тројца сина – Хазем, Амир и Мохамед, загинаа во бомбардирањето на возилото со кое патувале во кампот Ал Шати. Двајца од внуците на Ханије, исто така, се убиени, а третиот е повреден, јавуваат медиумите на Хамас.
„Нашите барања се јасни и конкретни и нема да правиме отстапки. Непријателот е во заблуда ако мисли дека нападите врз моите синови, за време на екот на преговорите и пред движењето да ги испрати своите одговори, ќе го принудат Хамас да ја промени својата позиција“, изјави Ханије за Ал Џезира, додавајќи дека неговите синови „станале маченици на патот до ослободувањето на Ерусалим и џамијата Ал Акса“.
„Крвта на моите синови не ми е подрага од крвта на нашиот народ“, додаде лидерот на Хамас, кој живее во Катар. Милитантната група вчера објави дека го проучува израелскиот предлог за прекин на огнот, но дека тоа не задоволува ниту едно од барањата на Палестинците.
Хамас бара прекин на воените операции на Израел, целосно повлекување на неговата војска од енклавата и враќање на бегалците. Ханије стана лидер на Хамас во 2017 година, а оттогаш живее меѓу Турција и катарската престолнина Доха.