По неодамнешните масовни напади на Русија врз Украина, украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, го повика Западот да и обезбеди на Украина системи за противвоздушна одбрана „Патриот“. Ова е единственото оружје што очајно и треба на Украина за да се одбрани, пишува „Украинска правда“.
„Дајте ни ги тие проклети ‘патриоти’. Ако имавме доволно системи за противвоздушна одбрана, или ‘Патриоти’, ќе можевме да ги заштитиме не само животите на нашиот народ, туку и нашата економија од уништување“, рече Кулеба во интервју за „Политико“.
Новинарите на „Политико“ нагласија дека само еден час пред нивниот разговор со Кулебa, Русија го нападнала Киев со балистички ракети. Кулеба во тоа време бил во градската ботаничка градина. Кулеба верува дека „Патриотите“ исто така ќе помогнат да се подобри ситуацијата на фронтот.
Тој нагласи дека „не можете да избегате“ од бомба ако сте нејзина цел.
„Тоа само ви паѓа на глава и уништува сè. Губиме позиции и единствен начин да го спречиме тоа е соборување на авиони што носат бомби. Потребни ни се системи за противвоздушна одбрана на првите линии“, рече Кулеба.
Министерот за надворешни работи на Украина неодамна разговараше со Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, за тоа како ЕУ може да и помогне на Украина да добие повеќе Патриот и други противвоздушни системи што е можно поскоро.