Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Кристијан Ериксен не е задоволен од минутажата што ја добива оваа сезона, но не планира да го напушти клубот од „Олд Трафорд“ на крајот на сезоната, пренесуваат британските медиуми.
Ериксен (32) сезонава одигра 21 натпревар за Манчестер јунајтед, а на теренот мина 1.130 минути.
Данскиот фудбалер се бори за место во стартниот состав на „црвените ѓаволи“ со талентираниот Коби Маино.
„Не сум среќен кога не играм, но не е дека не спијам поради тоа. Тимот игра добро и морам да ја почитувам улогата што ја имам. Морам да работам напорно и да бидам подготвен за секој натпревар. Сега полесно ја прифаќам мојата улога“, изјави Ериксен за дански „Типсбладет“.
Тој изјави дека разговарал со менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг.
„Сакам да играм што е можно повеќе. Сум и морам да бидам тука за тимот. Тен Хаг ми кажа дека тој го избира тимот и истакна дека Коби игра добро, како и другите играчи во средниот ред. Постои конкуренција за место во тимот, што е очекувано кога играш во врвен клуб“, додаде данскиот фудбалер.
Ериксен има договор со Манчестер јунајтед до јуни 2025 година.
„Не сакам да седам на клупата, но не сум загрижен за иднината во клубот. Почитувам дека победничкиот тим не се менува“, изјави Ериксен.
Манчестер јунајтед е на шестото место на табелата во Премиер лигата со 47 бодови.