СДСМ најостро го осудува чинот на остранување на спомен плочата на НОБ во Охрид. Бараме локалната власт на ДПМНЕ да излезе пред граѓаните и каже кој ќе понесе одговорност.
Одговорност за сите инволвирани, бидејќи уништување културно заштитено наследство е казниво дело, истакна на денешната прес-конференција Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ.
„Кој ќе ја сноси одговорноста и кој дозволил да се случи вакво нешто, одговор треба да даде градоначалникот од ДПМНЕ, Кирил Пецаков. Насилното тргање на спомен плочата од НОБ е последица на хаосот кој владее во Охрид и дозволеното самоволие. Локалната власт на ДПМНЕ во Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков дозволуваат самоволие, урбано дивеење и уништување на споменици од НОБ. Ова е уште една потврда, ДПМНЕ воопшто не се грижи за историското минато и антифашистичката борба туку само за бизнис интересите на поединци“, кажа Лазаревска.
Додаде дека само поради нивните бизнис интереси во ризик е културното и историското значање на Охрид.
Охриѓани, според неа, очекуваат одговори од градоначалникот Пецаков кој ќе понесе одговорноста.