Над 270 деца во Општина Тетово се на листите за чекање за згрижување во детските градинки, додека пак бројот на деца на територијата на Република Македонија е над 5.000. Ова денеска го изјави техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски при посетата на детската градинка „Младост“ во Тетово.
„Моментално во Македонија чекаат над 5.000 дечиња на листите за чекање за прием во детските градинки. Ќе треба во наредниот период да работиме и на ова прашање да сите дечиња бидат згрижени и еве во Тетово морам да кажам дека само во детската градинка Младост податокот е дека над 270 деца се на листата за чекање за прием во градинката. Мора да го надминеме овој проблем и со оние објекти коишто се подготвуваат во рамките на општина Тетово и веќе да нема деца на листите за чекање и истите да бидат згрижени во детските градинки“, вели министерот Велковски.
Покрај обезбедувањето на нови просторни услови и зголемување на капацитетите во градинките, клучен проблем којшто мора итно да се реши е и обезбедување на лиценци за лицата коишто со години чекаат да се стекнат со истите.
„Морам да потенцирам дека она кое што веќе шеста недела го зборувам како човек и го пренесувам како министер пред се, ми се потврдува и со самото присуство при теренските посети на детските градинки низ државата. Тоа е проблемот со просторните услови, проблемот со персоналот којшто е најголем и е континуирано истакнуван од страна на директорите и луѓето кои што работат во детските градинки, но најважно од се е решавање на проблемот со лиценците со коишто не можат да се стекнат дел луѓето кои што треба да бидат во процесот за вработување во самите детски градинки. Ова се потврди и денеска во Тетово. Грижата за 30 дечиња во една група е сведена на еден или двајца вработени, а знаеме каков е предизвикот за негувателките да можат да се грижат за 30 деца 8 работни часа“, додава Велковски.
Техничкиот министер Ѓоко Велковски порача дека заедно со неговиот тим и вработените во министерството за труд и социјална политика веќе работат на изготвување на целосна анализа за општините на територија на Република Македонија како би ги увиделе предизвиците со кои се соочуваат детските градинки и подготовка на програмски активности за по 8 мај кога би започнале со брзи чекори за решавање на истите.