Македонија – гарант на кредитот на „Митилинеос“!
Секој ден откриваме нови недомаќински, па и криминални членови во договорот помеѓу Владата и грчки „Митилинеос“ за предложената гасна централа Те-То во скопска Железара.
Досега нé убедуваа дека „Митилинеос“ бил голема грчка компанија со 14 милијарди евра имот, која од сопствени средства ќе ја финансирала изградбата на централата. Сега од договорот откриваме дека не само што „Митилинеос“ ќе гради на кредит (тоа го знаевме и без да ни кажат), туку гарант на заемот за инвестицијата ќе биде токму – Владата!
Го читаме чл. 5 ст. 2 од Договорот:
“(2) По барање на стратешкиот инвеститор, Владата склучува директни договори, побарани од заемодавачите за обезбедување на финансирањето од ставот (1) на овој член, без финансиски импликации за Буџетот на Република Северна Македонија.“
За какви заеми треба државата да му биде гарантор на моќниот „Митилинеос“? Тоа можат да бидат само евтините меѓународни заеми за Зелена транзиција, со многу ниски каматни стапки од само 3%-4%, коишто им стојат на располагање на земјите, меѓу кои и Македонија, за изградба на обновливи извори на енергија (ОИЕ).
Иако државата нема да има директни финансиски импликации, сепак ќе го носи ризикот на гаранцијата за заемот, не добивајќи за возврат ништо друго, освен финансиски штети од проектот.
Во сите досегашни пресметки сметавме со каматна стапка на заемот од 6%, но со каматна стапка од 3…4% профитабилноста нагло расте, а од бројките боли главата!
Не само што ќе им бидеме гарантори за заемот, туку со 50 милиони евра помош ќе им го платиме и учеството за кредитот, потоа на кредит ќе ја изградат централата, од приходите од загарантираниот откуп на енергијата ќе ја отплатат и ќе станат нејзини 100% сопственици, за да можат да профитираат од неа уште во наредните 20-30 години. „Митилинеос“ ќе стане газда со 0 евра сопствени инвестирани средства, освен 5.000 евра основачки капитал!
Зошто оваа штеточинска и отворено антинародна и антимакедонска влада се откажува од евтините кредити, во името на моќната грчка компанија, наместо самата да ги искористи за инвестирање во сопствени капацитети за ОИЕ? Не можеме да пронајдеме никаков друг мотив, освен лична корист за главните протагонисти на овој здружен злосторнички потфат.
Истата одредба, освен во договорот за гасната централа на „Митилинеос“ стои и во два од трите договори за соларните паркови.
Нивната дрскост отишла толку далеку, што ниту се трудат да ги скријат трагите, туку се надеваат дека со надгласување во парламентот ќе ги протуркаат овие штетни договори. Дури и се фалат како ќе нé изиграат и дека ништо не им можеме. Откако будалиот ќе го фрли каменот во бунарот, потоа ни сто паметни не можат да го извадат.
Ќе бидеме ставени пред свршен чин, бидејќи споровите нема да можат да се решат во државата, пред домашните судови, туку единствено пред меѓународниот арбитражен суд во Париз. Така, ќе имаме две алтернативи – или да ги трпиме штетните последици од договорот во наредните 20 години или идната влада еднострано да го раскине, па да плаќаме стотици милиони евра пенали. Штетата е висока до небо и во двете варијанти.
Во меѓувреме опозицијата мудро молчи и се чини дека и таа ќе има определен интерес од овој грабеж. Молчи и јавното обвинителство.
Утре следи уште еден, можеби последен обид, овој штетен договор да се реши со правни средства, преку институците на државата. Останува да се надеваме дека барем една од институциите може да ги сопре во нивната намера.
https://www.facebook.com/share/ax7ZGfUX3PjpYvWa/?mibextid=oFDknk