Груевски: Не сум чул дека има некаков прогрес по прашањето на правата на Македонците од егејскиот дел на Македонија

gruevski karamanlis
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Писмото до грчкиот премиер Костас Караманлис од 10 јули 2008г. кое во Грција беше примено како провокација и скандал, и неговиот одговор од 18 јули 2008 година
Речиси поминаа шест години од преспанскиот договор. Нема повторно да пишувам за истиот бидејќи веќе во неколку наврати се произнесоа за тоа.







Но постои едно отворено прашање кое владата предводена од СДСМ не го ни споменува, а редовно потсетува дека со нејзините политики Грција ја претворила во наш најголем сојузник.
Грција од владата на Заев, доби многу повеќе национални отстапки одколку што очекуваше и сонуваше претходно.

Но, не сум чул дека има некаков прогрес по прашањето на правата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, денес територија на Република Грција.
Потсетувам на моето писмо од 2008 година до тогашниот грчки премиер со кое со еден нормален и цивилизиран пристап го отворив тоа прашање. Од возвратното писмо меѓу редови јасно се чита дека тогашниот премиер е изненаден, навреден и лут што воопшто сум го отворил ова прашање.
Наместо одговор за основните права на Македонците со потекло од таа територија тој ме потсети и упати на процесот на разговори за разликите околу името кои тогаш ги наследив од моите претходници а кои беа под покровителство на ООН, подвлекувајки дека македонско малцинство во Грција ниту некогаш имало, ниту денес има.

Тој процес на разговори за надминување на разликите околу името, кој владата на Заев го претвори во директни преговори за промена на уставното име на 18 јуни 2018 година беше преточен во договор потпишан во Преспа со кој се смени многу повеќе од името. Одтогаш поминаа речиси 6 години.
Десетици и стотици илјади Македонци по потекло од егејска Македонија останаа заборавени од македонската власт и со ништо немаше ни обид, ни храброст да се отвори прашањето за нивните права.
Следуваат двете писма.
* * *
Почитуван Господине Караманлис,
Ви пишувам за две исклучително важни теми, чие решавање убеден сум ќе исправи многу историски неправди, неправди кои се чувствуваат и денес, и ќе го подобри животот на многу луѓе, а секако позитивно ќе влијае на подобрување на односите помеѓу Република Македонија и Република Грција.
Имено, кон крајот на четириесеттите години, за време на граѓанската војна во Грција, неколку стотини илјади граѓани и цели семејства во виорот на војната, во својство на бегалци ги напуштија своите домови, имоти и државата Грција во која беа родени.
Огромен дел од овие луѓе, најголем дел од нив етнички Македонци родени во Грција, дојдоа да живеат во тогашната СФРЈ, поточно во делот на денешната Република Македонија, и останаа тука засекогаш, на што веројатно влијаело и тоа што говореле ист јазик и чувствувале припадност на ист народ, македонскиот. Еден дел од нив се раселија во други европски држави, како и во Америка, Австралија и Русија, но и оние кои се раселија исто така се најголем дел етнички Македонци, говорат ист јазик со нас, чувствуваат припадност на истата нација, македонската, а поголем дел од нив имаат и двојно државјанство, македонско, и на земјата во која живеат.
За жал, децении потоа, по нивното напуштање на родните места и живеалишта, дури и откако заврши војната, ним им беше оневозможено, односно забрането да се вратат во своите родни места, во своите родни куќи и на своите имоти. Тоа не им беше дозволено ниту ним, ниту на нивните наследници. Колку што знам, некаде на почетокот на осумдесеттите години, во Грција се донесоа неколку закони со кои на некој начин им се одземаа нивните имоти, и ќе се согласите дека таквите закони не се согласно стандардите на Европска унија, НАТО и меѓународните стандарди за човекови права и за гарантирање на сопственоста.
Денеска овие граѓани, сега веќе државјани на Република Македонија, а родени во Грција, се тројно дискриминирани.
Прво, не можат да си ги добијат имотите назад, второ, имаат сериозни потешкотии за влегување во Грција и трето, доколку некој од нив сака, не може како и секој друг човек кој се родил и израснал во Грција, согласно грчките закони да има право на двојно државјанство, едно македонско и едно грчко, во услови кога Грција го дозволува правото на двојно државјанство.
Имајќи во предвид дека во децениите кои се зад нас, демократијата во двете држави се развиваше, а Вашата држава стана и членка на Европската унија и НАТО, институции каде особено се внимава на човековите права и на стандардите за гаранција на приватна сопственост, очекувам дека Вие како Премиер, ќе превземете мерки за исправање на оваа неправда за огромен број на луѓе со тешка судбина и животен пат.
Во Република Македонија овие граѓани се организирани во повеќе граѓански здруженија и во неколку средби со нив, тие побараа да се обратам до Вас како до Премиер на соседна држава, од која тие се чувствуваат дискриминирани.
Втората тема за која сакам да Ве замолам, а верувам дека Вие со задоволство ќе се ангажирате да помогнете, е признавањето на македонското малцинство во Република Грција, и овозможување на основните права согласно меѓународните стандарди за образование на мајчин јазик (македонски), негување на културните традиции и обичаи преку различни форми на организирање, употреба на македонскиот јазик во локалните институции во местата во Грција каде тие живеат во позначаен број, и други можности кои секоја демократска држава ги овозможува на сопствените граѓани кои се од етничка заедница различна од доминантната.
Господине Премиер,
Јас верувам дека Вие со добра волја ќе ги разгледате овие прашања, и се надевам дека во разумен период ќе предложите решение за овие горливи проблеми. Јас, и институциите во Република Македонија Ви стоиме на располагање за секаков вид на комуникација по ова прашање, дополнителни информации, а можно е и средба на експертски групи од двете држави кои верувам во еден краток неколкумесечен период ќе ги утврдат сите факти и детали, со кои ќе ги надминеме овие проблеми, кои сигурно ќе влијаат на одржувањето на добрососедските односи.
Сите знаеме дека за решавање на овие проблеми потребна е пред се политичка волја, за која јас верувам дека вие како демократска држава и земја членка на Европската унија и НАТО ќе ја имате. Впрочем, во денешно време, кога се работи за човековите стандарди, гаранцијата на приватната сопственост и малцинските права, не се работи за тоа дали сакаме или не сакаме да ги решиме, туку потребно е стриктно придржување до меѓународните стандарди.
Господине Премиер,
јас и Вие не можеме да ја промениме историјата и минатото, но со добра волја можеме да исправиме многу неправди од минатото, а секако дека можеме да влијаеме во креирањето на многу подобра иднина на нашите граѓани, доколку реално и непристрасно приоѓаме на реалните проблеми.
Со надеж на Ваш скорешен позитивен одговор,
Никола Груевски
* * *
Реакциите беа примени како скандал и провокација иако побаравме само нешто што се нарекува основни човекови права, добра воља, права и признавање на малцинство согласно стандардите на ЕУ и НАТО.
Набрзо стигна одговорот:
Господине премиер,
Како што знаете во последните петнаесет години Грција и вашата земја, согласно релевантните одлуки на Советот за безбедност на ОН, се обврзаа на преговори во рамките на Обединетите нации за прашањето за името кое треба да се реши во интерес на одржување на мирни и добрососедски односи во регионот, како што е наведено од Советот за безбедност во резолуцијата 817.
Во изминатите неколку недели специјалниот пратеник на Обединетите нации г. Метју Нимиц презентираше неколку идеи кои би можеле да ги придвижат преговорите. Жалам што токму во овој критичен момент од преговарачкиот напор избравте да го испратите вашето писмо од 10 јули 2008 година.
Ја користам оваа прилика да ја истакнам цврстата посветеност на Грција за унапредување на пријателски и добри односи со сите нејзини соседни земји, особено со земјите од Западен Балкан, и создавање на неопходни услови што ќе им овозможат да се приклучат во блиска иднина во евроатлантските и европските семејства.
Грција од 1993 година покажа добра волја, под покровителство на ОН, да најде заемно прифатливо решение за прашањето за името, кое ќе ги земе предвид легитимните интереси и чувствителност на двете наши земји. Ова е во рамките на мандатот на релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН, но и желбата на сите земји-учеснички во евроатлантските и европските институции, како што беше недвосмислено констатирано и на Самитот на НАТО во Букурешт, односно на Европскиот совет на ЕУ во Брисел.
Господине премиер, вашето писмо е далеку од унапредување на преговорите и добрососедските односи со мојата земја покренува низа непостоечки и неаргументирани прашања кои се спротивставуваат на напорите што ги прави Грција како соседна држава и отстапува од целите на тековните преговори. Тоа исто така има за цел и мешање во внатрешните работи на соседна држава и отстапува од целите на тековните преговори.
Во Грција нема македонско малцинство. Никогаш немало. Во овој поглед, сите наводи за постоење на такво малцинство се тотално неосновани, политички мотивирани и непочитување на историската реалност во регионот. Што се однесува до секое прашање за имотот, секој поединец може да користи каков било правен регрес пред судовите, вклучително и Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Господине премиер,
Времињата се сменија. Убеден сум дека иднината на балканските земји лежи во европските и евроатлантските институции, а не во националистичките формули на едно минато време кое мора еднаш засекогаш да се остави зад себе. Грција останува цврсто посветена да работи кон таа цел.
Историјата ги суди лидерите според тоа како тие се справуваат со предизвикот и ги преземаат своите одговорности. Многу ќе зависи од вашиот позитивен став и конструктивен дух“.
има за цел и мешање во внатрешните работи на соседна држава и отстапува од целите на тековните преговори.
* * *
Денес значајна наметната тема е правата на 3.550 Бугари во Македонија и Бугарија се бори за нив.
Зошто Македонија не се бори за правата на Македонците во Бугарија и Грција, а во прв ред нивно признавање и нивните основни малцински права и човекови права.
Јасно е дека моменталната позиција на Макеоднија, не е во корист на Македонија. Разбирливо е што Грција и Бугарија сакаат ова прашање да биде заборавено додека целосно не го завршат процесот на асимилација или додека биолошки не се надмине ова прашање.
Но, не е разбирливо зошто Македонија е целосно пасивна и помирена со состојбата и не вложува никакви напори за исправање на неправдите.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK