Австриската полиција покрена истрага против 17 лица, главно малолетници, под сомнение дека сексуално злоставувале 12-годишно девојче во текот на неколку месеци.
Меѓу осомничените за злоупотреба се и српски државјани, пренесуваат медиумите во регионот.
Дванаесет осомничени се малолетници над 14 години, едно лице има 19 години, двајца се помлади од 14 години и не се кривично одговорни во Австрија, додека идентитетот на уште двајца осомничени не е познат, изјави Флоријан Финда, функционер на австриската полиција.
Меѓу осомничените има државјани на Австрија, Турција, Сирија, Италија, Бугарија и Србија, пренесува АП.
Тие се осомничени за тешка сексуална злоупотреба на малолетно лице и порнографско прикажување на малолетно лице, прецизира Финда.
Се сомнева дека злоупотребата се случила во периодот од февруари до јуни 2023 година во гаражи, станови на осомничените и на други локации во Виена, како и дека во едниот случај било употребено насилство, а во другите, жртвата била вербално принудена на сексуален однос, велат инспекторите.
Жртвата и нејзината мајка го пријавиле случајот кај властите во октомври, според АП.
По опсежните истраги, во четвртокот беа сослушани 13 осомничени, некои ги признаа делата, други негираа, а еден беше уапсен поради отпор кон полицијата, според извешатите.
Инспекторите сè уште го испитуваат материјалот од нивните мобилни телефони.