„Поминав“, изјави американскиот претседател Џо Бајден (81) по неговиот годишен рутински преглед во воената болница во Мериленд, и покрај загриженоста на јавноста дека не е способен за уште еден мандат во ноември.
„Не се разликуваат од минатата година“, ги коментираше наодите Бајден пред новинарите по враќањето во Белата куќа. „Се е одлично“, додаде тој.
Минатата година, неговиот лекар заклучи дека Бајден е здрав и „способен да ги извршува своите должности“ и дека нема симптоми на долготаен ковид по борбата со вирусот во 2022 година.
Претседателот Бајден останува „способен за работат“ и може да ги извршува сите должности без исклучок или прилагодување, напиша докторот во резимето на овогодинешниот преглед објавен од Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, им изјави на новинарите дека не направил тест за когнитивна функција и дека не му е потребен.
На прашањето дали американскиот народ треба да биде загрижен за нешто, Бајден се пошегува на сметка на неговата возраст. „Хм, па можеби мислат дека изгледам премногу младо“, рече Бајден.
Тоа беше последен преглед пред Бајден од Демократската партија и поранешниот републикански претседател Доналд Трамп (77) повторно да се соочат на претседателските избори на 5 ноември оваа година.
Во слободното време, претседателот Бајден сака да игра голф и да вози велосипед, но неговите проблеми со говорот и физичкото здравје и неговата напредна возраст ја доведуваат во прашање неговата способност да ги извршува должностите врховен командант на американската војска, пренесуваат медиумите во регионот.