Бројот на барања за азил во 2023 година скокна за 18 отсто на 1,14 милиони, што е најголем број од мигрантската криза 2015/2016 година, покажаа податоците на Европската агенција за азил (EUAA).
Новите податоци најверојатно ќе додадат масло на веќе вжештената дебата за миграцијата и зајакнувањето на екстремната десница пред серијата локални и национални избори низ Европа и, на крајот, изборите за Европскиот парламент во јуни.
Сиријците и Авганистанците го сочинуваат најголемиот број баратели на азил, покажуваат податоците на EUAA. Турските државјани ја сочинуваат третата по големина група баратели на азил, кои поднеле 82 отсто повеќе барања од претходната година.
Бројот на Палестинци кои поднеле барање за азил поради војната меѓу Израел и Хамас се искачи на рекордни 11.600. Сепак, EUAA забележува дека било тешко точно да се регистрира нивниот број бидејќи повеќето земји на ЕУ не ја признаваат Палестина како држава.