Германскиот парламент го поддржа новиот закон со кој се дозволува рекреативна употреба на канабис.
Според законот, на оние над 18 години во Германија ќе им биде дозволено да поседуваат значителни количини канабис, но строгите правила ќе го отежнат купувањето на дрогата.
Пушењето канабис на многу јавни места ќе стане легално од 1 април.
Дозволено е поседување до 25 грама на јавни места, а во приватни куќи законската граница ќе биде 50 грама.
Полицијата во некои делови на Германија, како што е Берлин, често замижува пред пушењето канабис на јавно место, иако поседувањето на дрогата за рекреативна употреба е нелегално и може кривично да се гони.
– Употребата на марихуана кај младите со години расте и покрај постоечкиот закон – вели министерот за здравство Карл Лаутербах, кој ги поттикнува реформите.
Тој сака да го поткопа црниот пазар, да ги заштити пушачите од контаминиран канабис и да ги намали приходите на организираните криминални групи, пишува Би-Би-Си.