Данската премиерка Мете Фредериксен се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во западниот украински град Лавов во петокот, ден пред втората годишнина од руската инвазија. Данската премиерка и Зеленски ги посетија гробиштата и им оддадоа почит на загинатите војници, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.
„Никогаш нема да ги заборавиме хероите кои ја бранеа нашата независност, слобода и иднина“, напиша Зеленски на Икс.
Данска, членка на НАТО и ЕУ, дава силна поддршка на Украина и е една од земјите што дава најголема воена поддршка на Киев, во споредба со големината на нејзината економија. Во четвртокот, Данска објави пакет воена помош во вредност од 247,4 милиони американски долари и ги повика сојузниците да ја зголемат помошта за Украина за да ја добијат војната против Русија.
Вкупната помош на Данска за Украина од почетокот на руската инвазија пред две години се зголеми на 33,3 милијарди дански круни или 4,84 милијарди американски долари.
Данска, која заедно со Холандија и САД ја предводат коалицијата чија цел е да и помогне на Украина да изгради воздухопловни сили, очекува да ги испорача своите први борбени авиони Ф-16 на Украина ова лето, рече премиерката. Данска, исто така, потпиша 10-годишен безбедносен договор со Украина со други сојузници, вклучувајќи ги Обединетото Кралство и Германија.