Собрание на љубовта во Христа во чест на Св. Партениј и именденот на Старецот

sv.-partenij-lampsakiski-slava-2024-015
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Нашите монашки Обители, заедно со илјадниците верни дојдени од сите краишта на нашата Татковина, но и од сите соседни земји, празнувајќи го споменот на Светиот Партениј Лампсакискиот Чудотворец, во големи торжества го прослави именденот на нашиот Старец и игумен на Свештената Бигорска Обител, епископот Антаниски г. Партениј.

На празничната Вечерна богослужба, присуствуваше Неговото Преосвештенство, Епископот Аморејски и Игумен на Свештената Обител на Влатадите во Солун, г. Никифор од Вселенската Патријаршија, потоа архимандрит Матеј од Р. Грција, архимандритот Калиник во придружба на уште неколку други свештенослужители од Имврос Р. Турција, како претставници на Митрополитот Имвроски и на Тенедоски Кирил, како и претставникот од Александриската Патријаршија, јероѓакон Партениј од Православната Црква во Танзанија и јероѓаконот Хризостом од Света Гора. На богослужбата имавме чест да го чуеме и ангелогласното пеење на хорот составен од  студенти по православна теологија на Солунскиот Аристотелов Универзитет, кои доаѓаат од повеќе помесни православни цркви. Хорот беше предводен од почитуваниот отец Херувим од Р. Грција, како и од светогорскиот Старец Дамаскин и неговото братство, кои допатуваа во нашата Обител за да му го честитаат именденот на нашиот Старец.



Во своето поздравно обраќање кон епископот Никифор, владиката Партениј, видно восхитен од големиот дар заради православното собрание, меѓу другото рече:

“Верувам дека оваа прослава не е само една лична радост и поединечно чествување, туку е еден длабок одраз на соборноста на Црквата, сведоштво за нашиот заеднички идентитет во Христа, кој нè повикува на љубов, на таа ‘врска на совршенството’, во заедница со Него и едни со други. И токму затоа, не наоѓам во себе соодветни зборови за достојно да ви се заблагодарам на сите вас, за оваа ‘неискажлива и славна радост’, што ми ја причинувате не само мене, туку и на целото православно жителство овде. Особено Ви благодарам Вам, Свет Аморејски, а преку Вас и на Сесветиот Патријарх Вселенски г. г. Вартоломеј, кој деновиве и писмено ми ги испрати прекрасните благопожелби и честитки од своето чувствително татковско срце, а еве сега и преку Вашето ценето лично присуство. Ви благодарам, Преосветен Епископе, за сите молитви и трудови со кои придонесовте за нашата древна и славна Охридска Архиепископија Јустинијана Прва повторно да се најде во единството и соборноста на православната екумена. Пред Вас ја изразуваме својата огромна благодарност и до сите кои несебично се вложија и се жртвуваа за воспоставувањето на единството. Секогаш во нас ќе остане жива благодарноста и признателноста кон првиот престол на Православието, Мајката Великата Христова Црква и кон нејзиниот свет Претстојател, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој со својот виш суд, втемелен во каноните и во традицијата, го уважи молбениот апел на нашиот Свет Синод, и прв, но и како единствено меродавен, нѐ оправда и нѐ прими во пазувите на светото Православие, правејќи нѐ и нас „царско свештенство, свет народ“.

По Вечерната богослужба, во свечениот манастирски синодикон се случи соборно дружење и послужение за сите гости, каде пригодна културно-уметничка програма приготви Вера Милошевска – Љубојна, во придружба на составот Чалгии Мерак и други реномирани музичари.

Следниот ден, на голема радост ни пристигна возљубениот наш Митрополит, Неговото Високопреосвештенство, г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со Светата архиерејска Литургија. Дополнителна радост за сите присутни беше тоа што митрополитот Тимотеј го произведе во архимандритски чин јеромонахот Макариј, кој е еден од столбовите на нашето братство и голема поткрепа на нашиот Старец.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK