„Кога фактите и документите за Алта банка излегоа на површина Филипче и СДС се кријат и бегаат од одговорност. Откако со месеци ја користеа Алта банка за ширење политичка паника, Филипче и СДС денес немаат одговори, туку молк и бегање од соочување со фактите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Прво обвинуваа, па самите се најдоа во ситуација да објаснуваат зошто токму во нивно време биле направени чекори поврзани со продажбата на акциите. Ги претставуваа Давор Мацура и Алта банка како спорни, за на крајот се испостави дека тие биле првите што дозволиле да купи акции од Македонија.
Второ, ширеа приказни за наводна забрана на Алта банка за работа во Европската Унија поточно во Австрија, за на крајот да излезе дека немале забрана за работа, туку добиле прекршочна казна од австрискиот регулатор.
Трето, ја плашеа јавноста со сценарија за пропаѓање на банката и губење на штедните влогови, а откако сите видовме дека банката е ликвидна и дека нема да пропадне, а дека државата се става во заштита на граѓаните, тргнаа со личен напад кон претседателот Мицкоски.
Бараа надзорна расправа во Собранието, па откако истата веднаш беше прифатена, ја одложија за една недела, продолжетокот на истата се уште не знаат за кога да го закажат бидејќи вистината им се изнесе на виделина.
Филипче, доста со политички претстави.
Кој одлучувал? Кој молчел додека се отворала темата за влез на Алта Банка? Кој шири паника? И зошто СДС денес нема храброст сите прашања да се отворат пред јавноста?
СДС не може да ја замени вистината со прес-конференции, ниту сопствената одговорност да ја сокрие зад напади врз други.
Помина времето на СДС и ДУИ кога банки пропаѓаа, а граѓаните беа оставени на цедило. Граѓаните да бидат спокојни ниту една банка нема да пропадне додека е Христијан Мицкоски премиер, а ВМРО-ДПМНЕ е на власт“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.