Точно два месеци по последниот дуел од групната фаза, најдобрите европски екипи го продолжуваат учеството во нокаут фазата од Лигата на шампионите.
Четири екипи од од Ла Лига, три од Серија А и Бундеслигата, две од Премиер лигата и по една од Холандија, Португалија, Данска и Франција ќе се обидат да бидат оние кои ќе го одиграат најважниот клупски фудбалски натпревар во Лондон на првиот ден од јуни.
Титулата ја брани Манчестер сити. МИнатата сезона „граѓаните“ со голот на Родри, против Интер, ја освоија првата титула во клупската историја.
Манчестер сити и Реал Мадрид се единствените екипи кои во фазата по групи победија на сите натпревари. „Граѓаните“ ги предводеше најдобриот стрелец во групната фаза Ерлинг Халанд, кој со пет гола го дели првото место со Антоан Гризман, Алваро Мората и Расмус Хојлунд.
Копенхаген – Манчестер сити (вторник, 21:00 часот)
Јасно е дека Манчестер сити треба да има лесна задача. Актуелните шампиони се премногу искусни и премногу квалитетни за да пропуштат таква можност. На Данците треба да им се оддаде почит што го исфрлија Манчестер јунајтед од Лигата на шампионите. Клучна беше лудата победа во која Копенхаген победи со 4:3.
Лајпциг – Реал Мадрид (вторник, 21:00 часот)
Германскиот тим изгледа нема што да бара против Реал, кој минатиот викенд убедливо ја победи Џирона и го зграпчи првото место во шпанското првенство. Проблем за Реал е повредата на скочниот зглоб на Џуд Белингем, најдобриот стрелец оваа сезона. На неговото место веројатно ќе игра Брахим Дијаз. Карло Анчелоти има проблеми и во одбраната, па се очекува централен дефанзивец да биде Чуамени. Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас кој во зимскиот преоден рок се пресели во Лајпциг е подготвен за овој натпревар. Интересно тој веќе играше против Реал, во дресот на Наполи оваа сезона во Лигата на шампионите.
Лацио – Баерн (среда, 21:00 часот)
Според обложувалниците, Баерн е втор фаворит за титулата во Лигата на шампионите. Но, прогнозите се едно, а она што се случува на теренот е нешто други. Избраниците на Томас Тухел се во лоша форма. Викендов беа декласирани од Баер Леверкузен. Покрај лошата форма, Тухел има проблем и со повредите. Против Лацио нема да играат Алфонсо Дејвис, Серж Гнабри и Кингсли Коман. Сепак и покрај сите проблеми Баварците се фаворити против Лацио.
ПСЖ – Реал Сосиедад (среда, 21:00 часот)
Во француското првенство ПСЖ го фати моментумот и во моментов делува незапирливо. Дорбрата форма во која се наоѓа тимот на Луис Енрике ќе му озвозможи без притисок да влезе во пресметките со Реал Сосиедад. Баските се екипа без големи ѕвезди но со дефиниран стил на игра.
ПСЖ е фаворит, но Сосиедад го освои првото место во групата со Интер, Бенфика и Салцбург. Сосиедад има најмногу нерешени резултати оваа сезона. Во првенството има 10 ремија во 24 кола, додека во групата имаше три нерешени и три победи. Затоа, шпанскиот клуб се уште нема пораз во Лигата на шампионите оваа сезона.