Мал приватен патнички авион со пет лица вчера се урна на фреквентен автопат на Флорида и се судри со две возила на земја во несреќа во која загинаа две лица, соопштија властите и снимката од местото на настанот. Деловниот авион „Бомбардиер Челинџер 600“, кој полетал од Охајо, се приближувал до аеродромот во Нејплс кога пилотот преку радио сигнализирал дека двата мотори откажале, соопшти Националната комисија за безбедност на транспортот (NTSB).
Видеата и фотографиите од местото на настанот го покажаа леталото во пламен и чад откако се урна на Меѓудржавен пат 75 во близина на Нејплс, на брегот на Мексиканскиот Залив. Авионот удрил во автомобил и пикап на автопатот. Во авионот имало пет лица, според НТСБ и Федералната управа за авијација.
Портпаролката на полицијата Моли Бест изјави дека три лица од авионот преживеале, а две лица загинале. Но, таа не кажа дали двајцата загинати се од авионот или од возилото. Не е наведен бројот на луѓе кои се возеле во погодениот автомобил и камион.