Состојбата во Косово, предизвикана од одлуката на косовските власти да го забранат динарот во платежните трансакции, е во спротивност со резолуциите и повелбите на Обединетите нации (ОН) и може да предизвика непоправлива штета, изјави синоќа претседателот на Србија Александар Вучиќ на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН.
Состанокот е свикан на барање на Србија, откако со одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) од 1 февруари е воведен платен промет и готовински плаќања исклучиво во евра, со што се зголеми загриженоста на српската заедница бидејќи земаат плати и пензии од Србија во динари кои ги користат за купување и продажба.
Вучиќ рече дека властите во Приштина ги засилуваат „систематските напади“ врз српското население и дека таквите акции „во отсуство на соодветна реакција, можат да предизвикаат непоправлива штета за опстанокот на српскиот народ на Косово“.
Тој наведе податоци дека Србија од својот буџет исплаќа 60.946 плати и пензии на Косово, 2.430 студентски стипендии и финансира народни кујни за околу 2.000 социјално најзагрозени граѓани, нагласувајќи дека е „очигледно“ дека забраната за плаќање динари и укинувањето на динарот како платежно средство директно лишува огромно население од основните лични средства за живот“.
Приштина, истакна Вучиќ, директно го оневозможува функционирањето на сите социјални, здравствени, образовни, социјални, културни и други институции кои им овозможуваат на Србите да си обезбедат себеси и на своите семејства основните животни потреби.
Тој укажа и на зголемениот број напади врз косовските Срби, наведувајќи дека од доаѓањето на власт на актуелниот косовски премиер Албин Курти во 2021 година, на Косово се регистрирани вкупно 669 етнички мотивирани напади и дека тоа е зголемување за 300 проценти во споредба со претходниот период, обвинувајќи го Курти дека „го води прогонот на Србите“.
Вучиќ побара од меѓународната заедница „итни и решителни чекори“ за да се запре прогонот на Србите од Косово и да се создадат услови за продолжување на нормалниот дијалог меѓу Белград и Приштина.
„Србија ќе ги спроведе сите договори и сите потези во согласност со резолуциите на Обединетите нации“, рече Вучиќ на седницата на Советот за безбедност на ОН.