Предлогот на Арбен Таравари партијата Алијанса за Албанците да настапи со албанскиот опозициски блок на следните избори, доби поддршка од членството на партијата. Како што објавија на нивната Фејсбук страница, за 24 часа се собрани потписи за поддршка од 80 од вкупно 133 члена колку што брои Собранието на партијата.
„Иницијативата на претседателот Таравари доби поддршка од мнозинството собранија на АА. За 24 часа доброволно се собрани 80 потписи на Собранието од вкупно 133 колку што брои Собранието. Поголемиот дел од Собранието на Алијансата за Албанците е јасно за сигурна промена. Претседателот Таравари повикува на мудрост, зрелост и единство, за ДУИ конечно да биде испратена во опозициа. Промената доаѓа“, објавија од партијата.
Претходно денеска, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, рече дека местото на политичките партии прво е во коалиции кои делат исти вредности.
Тој не сакаше да ја коментира поделеноста во АА, бидејќи, како што кажа станува збор за друг политички субјект и нивните партиските органи и нивните функционери се тие кои што треба ги дадат одговорите и излезат со став.
Ковачевски го повтори ставот дека се уште важи понудата од СДСМ до сите оние политички партии, невладини организации и други организации и поединци кои ја делат визијата за Европска Македонија, да им се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај.
Ова следи откако синоќа на Фејсбук, претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари најави дека од Собранието на неговата партија ќе побара да влезат во коалиција со здружената Албанска опозиција.
„Имајќи ги предвид вредните и љубезни предлози на сите пријатели, членови и поддржувачи, избрав и да го слушам гласот на луѓето што денес зборува појасно од кога било. Граѓанинот бара Промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија. Како претседател на Алијансата за Албанците, јавно го повикувам партиското Собрание да ме поддржи на ова патување и заедно, да го поздравиме овој процес кој го нарекувам Голема и долго чекана промена!“, пишува Таравари.
По објавата, на Таравари му се спротивставија Лога, Села и Азири, а Меџити му изрази поддршка.
„Ве информирам дека Алијанса за Албанците не разгледува никакви барања до своите партиски тела, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание за изборите. Во сила има одлука на Централното претседателство, кое е изгласано едногласно да излеземе на избори сами. Го повикувам Собранието да се придржува до едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е АА да излезе сама на парламентарни избори“, напиша Лога на Фејсбук.
„Тенденцијата на Партијата да шверцува за сметка на не знам кој преку Фејсбук статус е сериозно кршење на Статутот на партијата за што претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи. Напорите да се појасни ставот искажан преку социјалните мрежи од страна на партискиот лидер како лична одлука е кукавички чин кој сериозно им наштети на идеолошките линии на Алијансата за Албанците“, напиша Села.
„Чудна комуникација на партискиот лидер со партиските тела преку социјалните мрежи! Партиските тела се избираат легитимно! Суспендирањето од социјалните медиуми не му служи на духот на Алијансата што го изгради. Коалициските понуди сè уште не пристигнаа во партиските органи! Единствената одлука на раководството на партијата е Алијансата да излезе сама на избори“ напиша Азири.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, пак, го сподели статусот.