СДС и ДУИ ќе останат запаметени по неспособност кога станува збор за функционирање на системот. СДС и ДУИ покажуваат способност само кога треба да крадат. Или СДС и ДУИ се шампиони во неспособност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По минатогодишниот колапс на Фондот за здравство, деновиве на праг е втор колапс на Фондот.
Во пракса тоа значи дека граѓаните нема да можат да земаат лек на рецепт на први февруари, нема да можат да се прават исплати од ФЗО кон граѓаните кои на пример користеле боледувања, нема да се исплаќаат рефундации за лекови, нема да се прават исплати ниту кон здравствените институции и слично.
Со овој втор колапс на ФЗО загрозен е воопшто здравствениот систем во државава. Едноставно се ќе биде блокирано. Во овој случај трпат граѓаните, здравствениот систем ќе биде нефункционален, а трпат и вработените во ФЗО чии плати планираат да им ги намалат за 21 процент“, истакнуваат од оваа партија.
Власта предводена од СДС и ДУИ во здравството за седум години, според ВМРО-ДПМНЕ, редеше само скандали.
Оценуваат дека здравството секојдневно се уништува, заминува медицински кадар или нема кој да ги лечи граѓаните, оние кои остануваат да работат тука ниту имаат услови за работа, уште помалку некој се грижи за нивна доедукација преку обуки и слично, позитивната листа на лекови иако ветуваа ја споменуваат само во контекст на тоа да им излезат во пресрет на нивните фармацевтски компании, а не граѓаните да добијат нови лекови на рецепт, лековите поточно цитостатиците и биолошката терапија се злоупотребувале на Онкологија, но некако и тоа се премолчува.
И ова, како што додаваат е само еден мал дел од скандалите во здравството.
„Талат Џафери само ги продолжува политиките на Димитар Ковачевски. Граѓаните се оставени на цедило“, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.