Ако западните земји го запленат рускиот имот, Русија би можела да возврати со запленување на најмалку 288 милијарди долари од западните средства, вклучително и 223 милијарди долари имот на членките на Европската унија, објави руската државна новинска агенција РИА.
Откако рускиот претседател Владимир Путин испрати вооружени сили во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски средства.
Американските и британските власти сега предлагаат замрзнатите средства да бидат запленети и искористени за обнова на Украина разурната од војна и се надеваат дека лидерите на Г7 ќе го прифатат предлогот на состанокот кон крајот на февруари, дознава Ројтерс кон крајот на декември од три извори.
Русија го обвини Вашингтон дека се обидува да употреби принудна тактика за да добие поддршка од европските земји за предлогот. Москва соопшти дека има список на американски, европски и други средства и дека може да возврати со иста мера.
Во извештајот објавен вчера, руската новинска агенција РИА цитира податоци според кои вредноста на директните инвестиции на ЕУ, членките на Г7, Австралија и Швајцарија во руската економија на крајот на 2022 година изнесува вкупно 288 милијарди долари.
Вредноста на инвестициите на земјите од ЕУ на крајот на 2022 година изнесува 223,3 милијарди долари, а речиси половина од таа сума, односно 111 милијарди долари, официјално му припаѓа на Кипар. Поради поволните прописи, многу странци, меѓу кои и руски државјани, отворија сметки во Кипар.
Следува Холандија со 50,1 милијарди долари инвестиции и Германија со 17,3 милијарди. Меѓу петте најголеми европски инвеститори во руската економија, РИА ја наведува Франција со средства и инвестиции од вкупно 16,6 милијарди долари и Италија со 12,9 милијарди долари.
Меѓу земјите од Г7, агенцијата ја наведува Британија во групата водечки инвеститори со 18,9 милијарди долари средства во Русија, според податоците од крајот на 2021 година. Вредноста на американските инвестиции во Русија на крајот на 2022 година изнесуваше 9,6 милијарди долари, јапонските 4,6 милијарди и канадските 2,9 милијарди долари.
Швајцарија и Норвешка обично го усвојуваат антируските мерки, забележува РИА и додава дека на крајот на 2022 година вредноста на нивните средства изнесувала 28,5 милијарди и 683 милиони долари, соодветно. Ројтерс забележува дека не може самостојно да ги потврди податоците наведени од руската агенција.