Најпознатиот фудбалски менаџер, Жорге Мендеш му понудил на Жозе Мурињо (60) да го наследи Чави Ернандез (43) и да стане нов тренер на Барселона, тврди „Ел Национал“.
Во вторникот Мурињо доби отказ од Рома, која ја водеше две и пол години и со која ја освои Конференциската лига. Оваа идеја Мендеш му ја предложил на претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, со оглед на тоа што Каталонците се на четвртото место во Ла Лига, додека во финалето на Суперкупот загубија од Реал Мадрид (4:1).
На почетокот на својата тренерска кариера, од 1996 до 2000 година, Мурињо им беше помошник на Сер Боби Робсон и Луис Ван Гал во Барселона. Како главен тренер ги водеше Бенфика, Леирија, Порто, Челзи, Интер, Реал, Манчестер јунајтед и Тотенхем.
Португалскиот стручњак четири пати беше прогласуван за најдобар тренер во светот, а освоил 26 трофеи.
Чави ја презеде Барселона во 2021 година, а договорот му истекува на крајот на сезоната 2025. Досега има поминато 118 натпревари на клупата и со тимот го освои шампионатот на Шпанија и Суперкупот на Шпанија во сезоната 2022/2023.