Британија ќе почека пред да донесе одлука за нови напади врз проиранските Хути во Јемен за да го заштити меѓународниот бродски сообраќај, изјави денеска британскиот министер за одбрана Грант Шапс.
„Да почекаме и да видиме што ќе се случи бидејќи не сакаме да бидеме вклучени во акција во Црвеното Море. Но, на крајот слободата на навигација е меѓународно право што треба да се заштити“, изјави Шапс за Скај њуз на прашањето дали Британија повторно ќе нападне.
Велика Британија минатата недела учествуваше во нападите предводени од САД против Хутите во Јемен во текот на повеќемесечните напади врз бродови во Црвеното Море, но не учествуваше следниот ден кога американските сили извршија нов напад.
Хутите вчера истрелаа противбродска крстосувачка ракета врз американски разурнувач во јужниот дел на Црвеното Море. Тој беше соборен од американски борбен авион. Шапс рече дека Британија ја следи ситуацијата. „Тие треба да бидат свесни дека ако ова не престане, секако дека ќе треба да донесеме одлуки што мора да се донесат“, рече тој.