(Видео) Петровска ги потпиша договорите со првата генерација стипендисти на Министерството за одбрана

Видео-Петровска-ги-потпиша-договорите-со-првата-генерација-стипендисти-на.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и студентите кои што беа примени на Конкурсот за стипендирање на студенти за потребите на Армијата дефинирани како критични специјалности, денеска во Министерството за одбрана потпишаа договори за стипендирање.


„Веруваме во младите луѓе кои се мотивирани и можат да бидат додадена вредност за одбраната и за Армијата. Ги мотивираме и им отвараме нови можности за личен и професионален развој. Денеска потпишавме вкупно седум договори за стипендирање и тоа со двајца студенти кои се едуцираат во областа на географско – информациони системи, тројца на медицина и по еден на компјутерска технологија и на енергетика и екологија “, рече Петровска и додаде дека , стипендирањето е во висина на процент од просечната плата во државата, и изнесува од 30 проценти за студенти од прва година, до 80 проценти за студентите од шеста година на студии.

Министерката потенцира дека по завршувањето на студиите овие лица ќе бидат вработени во Армијата и ќе бидат дел од одбранбениот систем, да работат со најсовремена опрема и услови, да ги усовршат своите знаења и да ги искористат во развојот на македонската Армија и одбраната.

По потпишувањето на договорите со седумте студенти министерката Петровска порача дека министерството направи вистински чекори за пополнување на Армијата со кадар кој е суштински потребен, а притоа го помага и развојот на млади кадри.

„Министерството, предизвикот со пополнување со лица од критични специјалности во Армијата го решава системски. Основ за објавата на овој оглас ни беше Законот за служба во Армијата, но исто така ќе нагласам дека и со донесување на Законот за вработените во Министерството за одбрана, кој веќе е во собраниска процедура ќе се овозможи стипендирање и вработување на лица за извршување на критични специјалности и во Министерството “, истакна министерката.

Петровска нагласи дека континуитетот за стипендирање и пополување на кадар во Армијата и министерството со лица од критични специјалности ќе продолжи со една единствен цел цел да ги привлечеме најдобрите.

Студентите се заблагодарија за добиената можност и поддршка во нивното образование од страна на министерството за одбрана и Армијата.

Дијана Кока Џемаили студентка на медицина истакна дека оваа поддршка во студирањето, која што им ја додели министерството и министерката за одбрана, се од голема помош за да ги исполнат личните животни цели.

„Од мала возраст воената служба и медицината беа мој сон и секако дека секоја силна држава треба да вложува во здравството, што е моја област и одбраната во државата. Од секогаш сакав да останам во својата земја и се надевам дека следниот конкурс повеќе студенти ќе се одлучат да аплицираат и ќе бидат истрајни во остварувањето на својата цел во својата држава. Јас на пример добив стипендија за студирање во Германија и ја одбив и сега сум многу горда на себе и сакам да си останам во својата држава“, истакна Дијана Кока Џемаили.

„Огромна чест ми е да сум дел од оваа институција и верувам дека и понатака ќе можам во мојата област да и придонесувам на мојата држава и на нашата Армија, во напредување на нашата сајбер безбедност и другите области од информатичките технологии. Оваа стипендија мене ми служи како поттик во моето унапредување како личност и подобро да го следам развојот на информатичките технологии“, рече Јован Иванов, студент на комјутерска техника и информатика.

Димитар Тануровски, студент на медицина упати апел до своите колеги „Би сакал да ги охрабрам и колегите на следниот конкурс да аплицираат, ова претставува прекрасна можност, се разбира на секој треба да му биде чест да може да и служи на нашата татковина“.

Конкурсот за стипендирање на студенти за потребите на Армијата на Република Северна Македонија беше објавен на почетокот на месец ноември. На конкурсот се пријавија 11 студенти, после извршена селекцијата и физичките и лекарски прегледи, избрани се седум студенти кои се едуцираат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и Универзитет Американ Колеџ. Следниот Конкурс за стипендирање на студенти ќе биде објавен по завршување на изборите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK