Долговите кон извршителите застаруваат, Уставниот суд не ги прифати иницијативите за поништување на последните законски измени

izvrshiteli-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Уставниот суд на денешната седница не ги прифати иницијативите да се поништат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од јули минатата година, кои пропишаа застарување на извршувањата, овозможија граѓаните да бараат деблокирање на сметките ако се поминати 10 години од решенијата од извршител, да бараат намалување на каматите оти тие не смее да го надминат износот на основниот долг и низа други олеснувања за граѓаните.


Извршителите реагираа веднаш по усвојувањето на измените на законите и заедно со адвокатите, поддржани од коморите, побараа Уставниот суд да ги поништи измените. Во барањето за поништување на законите наведоа дека со измените во нееднаква положба се ставаат странките, односно се врши дискриминација на доверителите, а должниците се ставаат во привилегирана состојба. Тие негодуваа поради тоа што измените на законите по изминување на периодот од 10 години како апсолутен рок на застареност, сметано од денот на поднесување на барањето за извршување, се гасат правата на доверителите за наплата на побарувањата и со тоа должниците се целосно ослободени од секаква обврска што ја имаат кон доверителите. За подносителите на иницијативата, ваквото законско решение има негативно влијание во однос на еднаквоста на странките во облигациониот однос.

Иако измените на законите беа донесени во јули минатата година и граѓаните што имаа блокирани сметки од извршители повеќе од 10 години можеа да побараат деблокирање, извршителите не постапуваа по нивните барања. Во изминатите пет месеци имаше и граѓани што извршителите ги препраќаа во судовите за бришење на застарените долгови или деблокирање на сметките, па многумина почна и такви постапки.

Денешната одлука на Уставниот суд само ги потврди измените изгласани во јули минатата година, па граѓаните што имаат блокирани сметки од извршители повеќе од 10 години може да побараат деблокирање, да побараат застарување на долгот или доколку не им поминале 10 години од извршителското решение, да побараат намалување на каматите, кои не смее да бидат поголеми од основниот долг.

Активистката Ана Глигорова, која со месеци организира протести и гласно бараше извршителите да постапуваат по изгласаните измени на законите, попладнево објави дека Уставниот суд донел правилна одлука со тоа што не ги прифатил иницијативите за поништување на измените.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK