Основната плата на полицајците е 16.300 денари, објави Синдикатот на полиција и побара покачување од најмалку 15%

Основната-плата-на-полицајците-е-16300-денари-објави-Синдикатот-на.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Синдикатот на полиција во Македонија (СПМ), кој е различен од Македонскиот полициски синдикат (МПС), денес повторно јавно побара од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски зголемување на платите на полицајците за најмалку 15 % и објави дека основната плата на полицаецот е 16.300 денари. Орце Коцевски, претседател на Синдикатот побара покачувањето на платите за полицајците да биде од овој месец и го обвини МПС за саботирање на процесот за зголемување.


„Бидејќи самонаречениот и самопрогласен за ‘единствен’, МПС, толку помпезно си молчи за ова прашање и со измислениот нивен збор ‘социјален дилалог’ не прават ништо за ова прашање , како Синдикат претходно јавно побаравме да го објават износот на основната плата за да дознаат нивните членови колку е основната плата на полицаец во МВР. Но одговор не добивме до денес и веројатно нема да добиеме затоа што износот на основната плата на полицаец во моментов е ни помалку ни повеќе туку 16.332 денари. Паралелно на тоа, ‘единствениот’, како што знае да се претставува само пред министерот, за да купи време и да ја сокрие својата неспособност, од неодамна излезе со манипулативно барање пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија за наводни 20% зголемување на плата. Јавноста и вработените треба да знаат дека правото на покачување на плати во МВР единствено и согласно Закон го има Министерот за внатрешни работи. Со самото тоа очигледен беше обидот на МПС со нивниот претседател за намерно саботирање на процесот за зголемување на платите бидејќи очигледно не е во полза за нив.

Денес како Синдикат до министерот јавно испраќаме барање од месец јануари 2024 година, платите на сите вработени во МВР да бидат зголемени за 15%“, вели претседателот на Синдикатот, Коцевски.

Тој уверува дека МВР може да ги покачи платите на полицајците од сопствениот буџет оти во моментов има пари за повисоки плати.

Коцевски нагласи дека не се откажуваат од нивното првично барање еден бод да биде платен по едно евро.

„СПМ во ниту еден момент не се откажа од барањето за 1 евро 1 бод, па нема ни сега. Но мораме да се движиме со постојните можности и ќе продолжиме да го бараме истото и да се надеваме дека во блиска иднина некој министер реално ќе може да го согледа тоа и ќе го претвори нашето барање за 1 евро 1 бод во реалност, која полицаецот апсолутно ја заслужува. ‘Да направиме од професијата полицаец една професија која ќе биде вреднувана во општеството, а посебно во нашата држава. Зар не се тоа ваши зборови господине Спасовски?“, рече Коцевски и најави дека во борбата за покачување на платата на полицајците не е исклучена можноста да го искористат и правото на штрајк.

Тој не сакаше да ги коментира тврдењата на министерот и дека платата на полицајците изминативе години е покачена за 35%, но рече дека полицајците пред неколку години живееле многу подобро отколку сега со тоа покачување.

Марјан Кицев, пак, претседателот на Македонскиот полициски синдикат, чии членови се далеку побројни од Синдикатот на полицијата во Македонија, во новогодишното обраќање, го потсети членството дека во 2023 година во два наврати имало покачување на платите од 10 % и линеарно покачување од 2.000 денари за сите вработени.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK