Општина Центар во соработка со невладината организација ,,Банка за храна’’ додели пакети со прехранбени намирници на четириесетина социјално загрозени семејства во Маџир Маало и Крњево. Градоначалникот Герасимовски им посака на своите сограѓаните убави празници и порача дека општината ќе продолжи да се грижи и да помага каде што е најпотребно.
„Се надевам дека оваа помош е добредојдена, особено во пресрет на божиќните празници. Центар е општина која се залага за политиката ,,Нула глад во Општина Центар’’. Во фокус на нашите социјални проекти и оваа година останува борбата против сиромаштијата, создавањето еднакви услови за сите, поддршка за најранливите категории на граѓаните. Како локална самоуправа, најблиску сме до нашите жители. Ги знаеме нивните потреби и подготвени сме соодветно да одговориме на нив. Ви посакувам убав Бадник и Божиќ, хармонија и мир во вашите семејства“, посочи Герасимовски во разговор со граѓаните.
Воедно, градоначалникот упати повик до сите лица и семејства во социјален ризик да аплицираат и да се пријавуваат за да станат корисници на општинските проекти и програми за социјална помош и заштита.
Во рамките на соработката на Центар и ,,Банка за храна’’ редовно се доделуваат пакети за социјални случаи, згрижувачки семејства и пензионери со ниски примања на територијата на општината.
Во периодот од 2021 до 2023 се доделени повеќе од 3.000 хуманитарни пакети за најранливите семејства и воени ветерани во општината.