Карневалот во Вевчани доби 1,8 милион денари или нешто повеќе од 29 илјади евра поддршка од Министерството за култура со што министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска ја исправи минатогодишната грешка кога фестивалот не доби пари од државата, а таа се најде во фокусот на вевчанци кои се натпреваруваа кој покреативно ќе ја исмее нејзината одлука.
Министерката и градоначалникот на Вевчани Спасе Кочовски денес потпишаа договор.
„Активностите во Новата година ги почнувам токму од Вевчани потврдувајќи ја уште еднаш подготвеноста на Министерството за култура за поддршка на проекти кои се македонски бренд. Денеска со градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски потпишавме договор за финансирање на Вевчанскиот карневал, еден од најстарите европски и први карневали во државата, зачленет во Светската карневалска федерација. Со 1.8 милиони денари ја засилуваме поддршката на вредностите кои траат и со својата автентичност ја издвојуваат македонската култура и историја во светски рамки“, рече министерката Костадиновска – Стојчевска.
Таа објасни дека заедно со градоначалникот ги надминале административните бариери поради кои изостана поддршката на карневалот и најави трајно решение кое нема да зависи од средбите меѓу градоначалникот и министерката.
„Тој проблем се должи на тоа што административно кога се објавуваат резултатите од годишниот конкурс каде што со ваа манифестација може да се аплицира карневалот е веќе завршен. Тогаш комисиите решаваат дека на веќе завршен проект не може да доделат никаква финансиска помош. Токму затоа ние по таа случка минатата година и годината пред тоа, разговаравме со градоначалникот и ќе направиме посебен вид на договор каде што директно од буџетот, од една од ставките на Министерството за култура ја финансираме сумата која што Општината смета дека е потребна. По завршувањето на годинешниот карневал треба повторно да најдеме механизам со кој што ова нема да биде прашање на волја, или прашање на тоа министерката и градоначалникот седнаа и се договорија како тоа да го направат туку дека тоа ќе стане една пракса и нема да има пречки во финансирањето на карневалот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Градоначалникот Кочовски рече дека карневалот, без оглед на околностите, 14 века никогаш не бил прекинат и нагласи дека секоја помош и поддршка е добредојдена. Тој повика на забава и нагласи дека карневалот е полн хумот и сатира, но целат не е да навредат некого.
„Како и секоја година и оваа ќе ја почнеме со Вевчанскиот карневал, манифестација која може да се каже дека е европска и светска. Карневалот е стар 14 века. Во континуитет се одржува во Вевчани. Не престанал под ниедно ропство во кое била Македонија. Ќе продолжи и ден денес. Како и секоја година ќе се забавуваме. Поканата е отворена за сите во Македонија. Имаме интерес од многу новински куќи од соседството. Новинска куќа од Норвешка е заинтересирана годинава да прави репортажа за Вевчанскиот карневал. Ве поканувам сите. Ви посакувам добра забава. Вевчани е отворено за сите, гостопримливо. Карневалот е полн со хумор и сатира, никого не сакаме да повредиме, никого не сакаме да навредиме, само сакаме да се забавувате“, рече градоначалникот Кочовски.
Министерката најави дека 0ваа година ќе го отвори карневалот и ќе остане во Вевчани цел ден.
Карневалот традиционално се одржува на 12, 13 и 14 февруари во Вевчани.