Наспроти пречките македонските микро и мали претпријатија сакаат дигитално да се трансформираат

biznis_Opsta
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дури 42 проценти од микро и малите претпријатија наишле на некакви правни бариери кои ги попречуваат во примената на дигиталните технологии, а 61 процент веруваат дека неформалната економија може да се намали со дигитализација на работењето. Ова се резултатите од анализата што ја спроведе Бизнис Конфедерација на Македонија за степенот, препреките и потребите на микро, малите и средните претпријатија од примарна дигитализација во работењето.

 „Дигиталната трансформација стана неопходност во денешните бизнис процеси. Ја опфаќа употребата на дигитални технологии за подобрување на деловните процеси, подобрување на искуството на клиентите и поттикнување на иновациите. Сепак, многу микро и мали претпријатија се соочуваат со различни бариери при усвојувањето и ефективно спроведување на дигиталните решенија и анализата го покажува токму тоа. Ги идентификува и лоцира предизвиците со кои се соочуваат микро и малите претпријатија, како и клучните фактори кои ја попречуваат нивната инклузивна дигитална трансформација. Врз основа на тоа нуди и драгоцени сознанија за како да се надминат тие предизвици и микро, малите и средните претпријатија да ги применат овие технологии. Во соработка со надлежните институции на овој начин заеднички ќе ги креираме политиките за олеснување и помагање на дигиталната трансформација“, истакна Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија.


Резултатите од анализата покажаа дека бариерите во дигиталната трансформација на микро, малите и средните претпријатија вклучуваат ограничени ресурси, недостаток на дигитални вештини и дигитално квалификувана работна сила, несоодветна инфраструктура и регулаторни ограничувања заедно со инерција на менаџерски способности, кои значително го ограничуваат капацитетот и способноста на ММСП да користат дигитални технологии до максимален ефект. Постојната конзервативна корпоративна култура меѓу компаниите во Северна Македонија преовладува и исто така придонесува за ниското ниво на дигитална трансформација.

Пристапноста до платформите за е-трговија, како посакувана алатка за унапредување на бизнисот, многу од микро и малите претпријатија што работат со продажба, го наведоа како пречка од аспект на безбедноста која се однесува на онлајн трансакциите со податоци, како што навеле 60 отсто од испитаниците. Дополнителни 40 отсто од испитаниците идентификувале ограничен пристап до податоци и аналитика, што покажува дека бизнисите се свесни за придобивките од користењето податоци за донесување информирани одлуки.

Извештајот користи и квалитативна и квантитативна анализа на податоци за сеопфатна проценка на различните аспекти на опкружувањето на дигитална трансформација, кај 114 микро, мали и средни претпријатија. Целта за спроведување на ова истражување е да се помогне дигиталната трансформација на ММСП.

„Меѓународната организација на трудот обезбеди поддршка за Бизнис конфедерацијата на Македонија во проценката на средината во која работат македонските претпријатија за да се разбере дали моменталната деловна средина ја поттикнува или попречува дигитализацијата на деловните операции. Истражувањето го разгледува надворешното деловно опкружување обидувајќи се да види дали актуелните закони и политики, пристапот до финансии, пристапот до услуги за развој на бизнисите, пристапот до пазарите и платформите за е-трговија, како и дигитално квалификуваната работна сила го поддржуваат дигиталното ажурирање на компаниите, но во исто време анализиравме на ниво на компанија обидувајќи се да разбереме дали има доволно потенцијал, дали има доволно дигитална подготвеност компаниите да ги прифатат дигиталните технологии“, изјави Јулија Друмеа, експерт за работодавачи од Меѓународната организација на трудот.

„Ние сме денеска тука да ги поддржиме малите и средните претпријатија, од аспект на креирање политики врз основа на кои ќе има можности државата заедно со приватниот сектор да ја подобрат и помогнат дигиталната трансформација. Тој процес е комплексен и бара голем ангажман и од аспект на човечки фактор и од аспект на инфраструктура, и обуки. Ние сме тука како институција заедно со приватниот сектор да помогнеме дигиталната трансформација да биде брза и ефикасна. Алката за поврзаност меѓу институциите и компаниите е неопходна и затоа ние сме многу отворени како институција заедно со приватниот сектор да креираме политики поврзани со дигиталната трансформација врз основа на потребите и недостатоците кои што веќе се мапирани во овој извештај, истакна Министерот за информатичко општество и администрација, Д-р Азир Алиу.

Овој извештај е објавен со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK